Талибанците не сакаат да се согласат на договор со авганистанската Влада, војната продолжува

Авганистанската влада и Талибанците не можат да се согласат за основните прашања по еднонеделните преговори за ставање крај на долготрајната војна во која беа убиени десетици илјади луѓе.

Несогласувањето, не само околу прекинот на огнот, туку и за основните прашања, остава малку надеж за заздравување на раните на земјата уништена од војна, коментираат светските агенции.

И покрај тешкотиите, најновите преговори се резултат на февруарскиот талибанско-американски договор со кој се предвидува постепено повлекување на странските сили.

Но, талибанците не сакаа да се согласат на прекин на огнот и војната продолжува. Околу 40 лица беа убиени во нападите на талибанците минатата недела.

Од почетокот на разговорите на 12 септември во Доха, на кои присуствуваше и американскиот државен секретар Мајк Помпео, двете страни само потврдија дека имаат дијаметрално спротивни ставови за секое прашање.

– Разговараме со страна која е тешка и нефлексибилна и затоа нема напредок, рече преговарачот на авганистанската Влада.

Двете страни ќе мора да решат низа различни прашања за да постигнат мир, од легитимноста на владата во Кабул до правата на жените.

– Првата недела покажа колку ќе бидат сложени разговорите и најважни ќе бидат оние за идниот политички систем на Авганистан, рече Грахам Смит, независен аналитичар, кој внимателно ги следи мировните разговори во Авганистан.

Жените би можеле да бидат првите жртви на преговорите доколку Владата дозволи да им бидат одземени правата за да ги задоволи талибанците, стравуваат некои активисти.

Тројца дипломати кои ги надгледуваа преговорите изјавија дека преговорите биле заглавени на шеријатскиот закон. Владата и талибанците значително различно го толкуваат законот, изјави западен дипломат во Доха, кој сакал да остане анонимен поради чувствителноста на разговорите.

Тие имаат различни ставови за казнувањето на злосторствата, правата на жените и слободата на говорот.

Портпарол на авганистанскиот претседател Ашраф Гани ги критикуваше талибанците што инсистираат на дискутирање за политичкото уредување на земјата уште во рана фаза на новите преговори.

– Тоа не е во согласност со желбата на нашиот народ за траен мир и сегашниот политички систем во Авганистан, исламска република која ужива легитимитет, рече Седик Седики.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close