,,Талир 2″ стигна во Апелација, но случајот против Груевски застарува за три недели
Случајот ,,Талир 2″, во кој е обвинет екс премиерот Никола Груевски, вчера стигнал во Апелација, откако претходно во Кривичниот суд беше досудена ослободителна пресуда.

-Ве известуваме дека списите по предметот К.бр.297/24 (Талир 2), на 06.08.2026 година се доставени до Апелациониот суд Скопје. Пресудата по предметот им е доставена на сите странки на 31.07.2026 година. На 05.08.2026 година Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба против пресудата. По приемот на жалбата од страна на сите странки, предметот е доставен на надлежност до Апелациониот суд Скопје за понатамошно постапување, велат од Кривичниот суд.
Овој предмет е веќе изгубен за Обвинителството, бидејќи застарува за три недели. Сепак, може да предизвика евентуална промена околу конфискацијата, бидејќи во овој предмет беше замрзната ,,Белата палата” на ВМРО-ДПМНЕ, вредна 14 милиони евра и останатиот партиски имот во вредност од 2 милиони евра.
Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Кирил Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи






