ТАЛОГ И ГЛОДАРИ
Тој обичен четврток додека полицијата ги бркаше кравите и ја апсеше мисицата излезе и веста за некоја шпионска афера во Кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Обвинителството соопшти дека отворило предистражна постапка по дојава за оддавање службена и државна тајна и шпионажа од вработен во Кабинетот. Арно ама, МВР три месеци не му дава на Обвинителството за гонење организиран криминал податоци од вештачење на компјутери, телефони и безбедносни камери.
Во Обвинителството не знаат дали имало шпион во Кабинетот на врховната командантка на армијата на државата-членка на НАТО. Ама, премиерот Мицкоски нешто знае. Вели дека „тоа се шпиунски талог на општеството, структури од минатото кои што се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари. Претседатели, премиери и така натаму“.
Кои поранешни разузнавачки структури? Од времето на „Сина птица“ ли се? Или од времето на Доста Димовска? Или од времето на Фрчковски? Или од времето на Мијалков? Од пред колку години е тој шпионски талог во Кабинетот на шефицата на државата? Од пред две, три, пет, десет, педесет години? Од ОЗНА и УДБА, од историското ВМРО, или од наследниците на ВМРО? Па од 35 години, колку што сме независна држава, барем 18 години ВМРО-ДПМНЕ била на власт. И тоа секогаш имала апсолутна власт.
И што значи тоа „шпионски талог“? Ако некој ти ровари во Кабинетот на шефицата на државата, а премиерот го навреди нарекувајќи го „глодар“, ќе престане ли да ровари? И ние одма сме побезбедни.
Сознанието дека државата нема контрола врз сопствените разузнавачи е пострашно отколку дека имало шпион во Кабинетот на претседателката. Ама, имаме среќа дека премиерот го знае тоа што не може да го дознае Обвинителството, па ни објасни дека „тие се претставуваат како група вработени што испраќаат анонимни дописи до обвинителства и потоа се разбира, таму е Ислам Абази (шеф на Обвинителството за организиран криминал, н. з.) веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало“. И затоа смирено заклучува: „Јас не би ги коментирал овие глодари бидејќи мислам дека треба да ги заборавиме.“
Едноставно кажано: тие таму кај претседателката нешто се кодошат меѓу себе. Обвинителот е хистеричен и дига паника. Затоа МВР е во право што три месеци не му дава податоци. Што сакаат нека прават, не ме интересира и баш ми е гајле што се случува.
Мицкоски ем критикува, ем дава задачи, ем се прави дека не е од тука. Сѐ знае. Само не знае дали вицепремиерот Арбен Фетаи уште добива плата, иако два месеца не доаѓа на работа.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






