Тап и Танап

ТАП и ТАНАП се двата поврзани гасоводи кои го доведуваат природниот гас од Азербејџански Шах Дениз до западноевропските земји преку јужна Италија.

Како замена на неуспешниот проект на гасоводот НАБУКО, ТАП и ТАНАП се резултат на тектонските потреси на енергетскиот пазар и ослободување од монополот на ГАЗПРОМ во Балканот и пошироко.

Се сеќава ли некој на песната „Ти си моја чоколада“ од групата Идоли и се сеќава ли некој воопшто на итриот министер нит лук јал, нит лук мирисал Зоран Ставрески?!? Се сеќавате сигурен сум,  каков договор потпиша Зоран Ставрески во функција на министер на влада на 23 јули 2013 со господинот министер за енергетика на Руската Федерација, Александар Валентиновиќ Новак!

Сигурен сум дека се сеќавате, и нема потреба да ве потсетам. Сите во нашава Република ги знаеме интересите на ЕУ и НАТО алијансата напамет, и знаеме дека овој договор беше тотално спротивен на тие интереси. Се молат господата челници на нереформираната ВМРО да го преиспитаат овој момент и овој датум, и да се произнесат за овој склучен договор од нивна страна и да ја усогласат нивната ЕУ и НАТО насока и политичка определба. Да не бидам погрешно разбран, нивниот тогашен владин партнер да си ужива како тогаш така и сега, да не се произнесува, ова е глобална геополитика, е вон тендербег интересите, нив не ги засега. Овој датум го засега само ЕУ, НАТО, и Соединетите Американски Држави.

ТАП и ТАНАП е во стварност идеја наследничка на неуспешниот гасовод НАБУКО. Гасоводот НАБУКО е именуван по истоимената опера од Џузепе Верди, кој за главен лик го има Вавилонскиот крал Набукодоносор, кој Србите нагалено го викаат Необучен-до-зоре.

Зошто баш НАБУКО?

Затоа што претставниците на петте компании кои се договараат во Виена за гасоводот (ОМВ од Австрија, МОЛ ГРУП од Унгарија, БУЛГАРГАЗ од Бугарија, ТРАНСГАЗ од Романија и БОТАШ од Турција), после потпишувањето на договорот одат заедно во Виенската државна опера и ја слушаат Вердиевата опера НАБУКО. НАБУКО никогаш не се реализира, и Азербејџанскиот гас, наместо да стигне до Австрија, преку Турција, Грција и Албанија, пристигнува во јужна Италија. Штета е, ќе признаете, што не поминува низ Македонија, но голема е радоста што и покрај големото грчко дипломатско-економско противење, сепак ТАП успешно поминува низ Албанија.

Зошто би била радоста голема во Република Северна Македонија, ако нешто позитивно се случува во Република Албанија? Па нели сме врзани како сијамски близнаци за влез во ЕУ и тоа што е позитивно за едниот близнак, треба да важи и за другиот, така?!? Загрижени сте заради нон пејперот на Јанез Јанша? Искрено и јас сум загрижен, но мислам дека неговиот (и на неговите ментори) нон пејперот има важност и можност да се исполни колку и договорот на Ставрески и Новак од 23 Јули 2013 година. Каква е таа обратно од паметна смелост на Јанез Јанша? Зарем не се прелеаја доволно балканските реки со балканска крв на луѓе кои имаа свои (сега веќе растурени) фамилии?!? Недоволни ли беа балканските страдања без разлика на вера и нација?!? Уште ли ни требаат војни, и сега длабоко зацапани во 21 век, кога веќе и првата интернет генерација станаа татковци и мајки?!? Немаме ли ум, човечки, доблест човечна, паметни, културни, напредни, модерни и либерални политичари на Балканов? Како тогаш, со каков ум ќе одиме и ќе бидеме дел од ЕУ?!?

Колумната на Агрон Биба во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close