Таравари: АА ги поддржува уставните измени, никој не кажа и дека е против тргање на процентот за албанскиот јазик

На состанокот, посочи тој, го отвориле и прашањето за замена на „20 проценти“ со „албански јазик“ во Уставот и никој, според него, денеска не се спротивставил на тоа
В.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари порача дека неговата партија апсолутно го поддржува процесот за уставни измени со кои Бугарите и други народи треба да се вметнат во Преамбулата од Уставот. Ние сме тука, рече тој, да помогнеме со сите сили.

„Мислиме дека нема друга алтернатива за Македонија освен ЕУ, затоа и уставните промени коишто треба да се случат не треба да се гледаат како ризик за државата туку како можност. Како можност за да има повеќе етнички заедници застапени во преамбулата на Уставот на Република Македонија, моментално се размислува за Бугари, Хрвати и за Црногорци, зошто да не и за Торбеши евентуално. Секое општество и секоја држава е побогата ако има повеќе етнички заедници во нејзе“,

рече Таравари кој ја поздрави иницијативата на премиерот Димитар Ковачевски да ја свика денешната лидерска средба.
На состанокот, посочи тој, го отвориле и прашањето за замена на „20 проценти“ со „албански јазик“ во Уставот што изминатиот период АА и Беса го поставија како услов за да поддржат други уставни измени.

„Мислам дека е коректно нашите сограѓани Македонци да покажат пред сè респект кон нивните сожители кои сме 30 проценти од вкупната бројка на жители коишто живеат во Македонија и мислам дека е достоинствено да се употребува албански јазик, а не бројки или проценти“,

рече в.д. претседателот на АА.
Никој на денешната средбата, посочи Таравари, не кажал дека е против.

„На средбата никој не кажал дека е против. Јас мислам дека тоа е апсолвирано, сум го кажал и јавно тоа неколкупати. Албанските партии сите мислат така, меѓутоа и поголемите македонски партии, зборувам за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, барем јавно имаат кажано дека не им пречи ништо да се тргне 20 отсто.“,

изјави Таравари.
На прашање дали неговата партија чека да влезе во Владата, тој одговори дека денеска биле на средбата за да разговараат за иднината на државата, а не на Владата.

Back to top button
Close