Таравари: Алијанса, ДУИ и „Вреди“ може да соработуваат на изборите во Кичево
Арбен Таравари, кој неодамна ја напушти Владата, вели дека неговата партија сѐ уште нема договор со ДУИ за соработка на претстојните локални избори. Во гостување на „Сител“, тој рече дека во некои општини, како Кичево, можен е заеднички кандидат на сите три политички субјекти од албанскиот блок – неговото крило на Алијанса за Албанците, ДУИ и „Вреди.
– Иако одамна велат дека имаме договор… еве, јас вечерва ви кажувам, уште немаме договор, меѓутоа сега сме опозициска партија. Во одредени општини, да бидеме искрени, можеби ќе има соработка „Вреди“ – ДУИ – Алијанса. На пример, Кичево. Кичево е типичен пример во којшто, за жал, така ќе дојде на крајот, да се гласа за Македонец или Албанец, иако не би посакал така да бидат изборите, туку да се гласа за кандидат, вели Таравари, додавајќи дека соработка меѓу трите партии е можна и во други општини, без притоа да прецизира кои се тие.
Таравари вели дека приоритет за него и за партијата се претстојните локални избори.
-Јас размислувам да излезе нашата партија што подобра на локалните избори. Да има што повеќе гласови и што повеќе општини да раководи, вели Таравари појаснувајќи дека би бил задоволен со пет општини.