Таравари-Донација од 11 илјади вакцини против ковид-19 треба да стигне во наредните 10 дена

За другите вакцини, Таравари вели дека се води набавка со Европската комисија за сите држави во ЕУ и оти Македонија е во тој пакет

Донација од 11 илјади вакцини против ковид-19 во наредните десетина дена треба да пристигне во земјава, најави министерот за здравство Арбен Таравари.

Најавата на Таравари доаѓа откако изминатиот период се регистрирани зголемен број позитивни случаи на вирусот.

„За другите вакцини со Европската комисија се води набавка за сите држави во ЕУ, а Македонија е во тој пакет. Колку што имам информации, тоа е во финална фаза и наскоро ќе бидат снабдени сите европски држави со вакцини за инфлуенца и за ковид“,рече денеска Таравари одговарајќи на новинарски прашања.

Минатата недела, поради зголемениот број позитивни случаи на ковид-19, Комисијата за заразни болести повика граѓаните да се придржуваат до општите мерки за превенција од респираторни инфекции.

Тоа подразбира да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица.

Од Комисијата додаваат дека внимателно ја следат состојбата и потсетуваат дека најефикасен начин за заштита од тежок облик на коронавирусот е вакцинација.

Back to top button
Close