Таравари: Ембла секако ќе следи настава заедно со учениците

Сите деца кои се со различен тип на посебни потреби во текот на час ило два или пократко (во зависност од индивидуалните потреби) во денот работат со дефектолог во посебна просторија, а потоа се враќаат во своето одделение.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, во разговор за Либертас ги демантираше информациите кои ги пренесоа дел од медиумите според кои новата просторија која се припрема е со цел 11-годишната Ембла повторно да учи изолирана од соуениците, и само со дефектолог.
Објасни дека сите деца кои се со различен тип на посебни потреби во текот на час или два или пократко (во зависност од индивидуалните потреби) во денот работат со дефектолог во посебна просторија, а потоа се враќаат во своето одделение.
Просторијата до сега била во дворот, но на негово барање се припрема посебна во рамки на училиштето. Децата секако секојдневно ќе бидат дел од своите одделенија и ќе следат настава со соучениците.
Претходно и министерот за образование Јетон Шакири објави дека Ембла од денеска повторно ќе продолжи да учи во класот и дека нема да биде изолирана.
„Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста да се врати во училиште на првиот ден од второто полугодие зашто, за жал, во нашето општество има уште стереотипи и предрасуди за луѓето со посебни потреби. Но, на мое лично задоволство и на задоволство на нејзиното семејство денеска таа е повторно меѓу соучениците и екстремно среќна да продолжи да учи, да напредува и да создава пријателства со нејзините соученици. Среќата во очите на Ембла е наша споделена среќа. Победа на општеството и вистинските човечки вредности. Посакувам такви случаи никогаш да не се случат пак. Затоа мора да продолжиме да придонесуваме за свесноста за децата со попречености. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат подеднаков пристап до квалитетно образование како и секој друг. Тоа е фундаментално право“, напиша Шакири.

Back to top button
Close