Таравари го спореди Мицкоски со Наполеон: Падот почнува кога ќе помислиш дека си непобедлив

Арбен Таравари го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека води политика на притисок врз Албанците и го спореди со Наполеон, оценувајќи дека секоја власт почнува да паѓа во моментот кога ќе поверува дека е недопирлива.

Во својата реакција, Таравари тврди дека Македонија и претходно била сведок на премиери кои, како што вели, „опиени од власта“ сметале дека најлесниот начин да покажат сила е преку удари врз Албанците.

„Северна Македонија и претходно го видела ова сценарио: премиери кои, опиени од власта, мислеле дека најлесниот начин да покажат сила е да ги удираат Албанците. Денес, Мицкоски оди по истиот пат“, порача Таравари.

Тој како примери ги посочува прашањата поврзани со употребата на албанскиот јазик, Бадентеровото мнозинство и правичната и соодветна застапеност, а притоа ја критикува и коалицијата ВЛЕН.

„Удар врз албанскиот јазик. Релативизирање на Бадентер. Ослабување на правичната и соодветна застапеност. И пред сето ова, ВЛЕН молчи“, напиша Таравари.

Во продолжение тој го спореди Мицкоски со Наполеон, со порака дека политичката моќ не е трајна.

„Наполеон почна да губи кога поверува дека е непобедлив. И Мицкоски треба да разбере дека Албанците не се територија на која еден премиер ја испробува својата моќ“, порача Таравари.

Тој додаде дека парламентарното мнозинство и поддршката од ВЛЕН не значат дека власта е вечна.

„Може да го имаш мнозинството. Може да го имаш ВЛЕН покрај себе. Но, ниту една власт не е вечна“, напиша Таравари.

На крајот, тој повторно ја употреби споредбата со Наполеон.

„Историјата има една навика со ‘Наполеоните’: падот почнува токму тогаш кога мислат дека не можат да паднат“, порача Таравари, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close