Таравари го возвраќа ударот, за утре најави Централно собранието на Алијанса
Вакво известување им испратил утрово на неговите сопартијци преку смс порака, а мотивот бил одговор на владината одлука да се разрешат двајца директори кои се негови приврзаници. Пратеникот Халил Снопче за Канал 5 вели дека владиниот потег не бил одобрен од мнозинството од Алијанса и претставува директно мешање на ДУИ во партијата на Таравари. На утрешниот состанок е убеден дека ќе има обезбедено мнозинство кое ќе може да носи легитимни партиски одлуки, најпрво за потврда на ставот на партискиот лидер – на изборите да се приклучат на албанската опозиција.
Се прашуваме кој, од каде доби наредба Владата да ги разреши директорите предложени од страна на Алијанса за Албанците? Дали добил наредба од Арбен Таравари? Од претседателството на партијата? Кој е тој орган што дава таква наредба? Јас велам дека е извршен пуч, и можеби владата со таа одлука има тенденција да избере ВД претседател на Алијанса, а тоа е Артан Груби. Ние имаме собрано над 80 потписи, и тие утре ќе дојдат. Верувам дека до утре може да бидат и 90, а со 90 ние осигуруваме 2/3 мнозинство коешто е едно од можностите да се свика легитимно Централно собрание.– изјави Халил Снопче, пратеник на Алијанса за Албанците.
На повикот на Таравари реагираат неговите неистомисленици преку официјалниот е-маил. Сакаме да ве известиме дека никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание, бидејќи како што ќе заклучите од поканата, станува збор за собир и состанок. Партиското собрание, согласно статутот на партијата, е закажано за во сабота во 13:00 часот. – пишува во соопштението