Таравари: Огромно мнозинство од пратениците-Албанци се во опозиција

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, изрази сериозна загриженост за легитимитетот на актуелната влада, нагласувајќи дека недостатокот на целосна застапеност на Албанците во извршната власт претставува деформација на граѓанската волја во мултиетничка држава.
Таравари за „Национале“ изјави дека сегашниот состав на владата не го одразува вистинскиот состав на Парламентот или општеството, посочувајќи дека огромното мнозинство од пратениците Албанци се во опозиција.
-Во земја каде што Албанците формираат држава, не можеме да имаме функционална влада без соодветно вклучување на нивните претставници. Пратениците се гласот на народот, а кога повеќето од нив се изоставени од владата, претставништвото запаѓа во криза на легитимитет – рече Таравари.
Тој нагласи дека сегашниот модел на владеење ризикува продлабочување на етничките и политичките поделби во земјата, оставајќи ги Албанците на маргините на процесите на донесување одлуки, и покрај нивниот континуиран придонес во институционалниот живот на државата.
Таравари отворено проговори за причините што го наведоа неговиот субјект да ја напушти коалицијата ВЛЕН и да ја прекине соработката во рамките на владата. Тој рече дека одлуката не била ниту спонтана ниту емотивна, туку е изградена врз основа на долга анализа на политичката состојба и однесувањето на партнерите.
-Кога нема почит кон граѓанинот кој гласал за вас, секој политички проект ја губи својата смисла. Она што го видовме во рамките на ВЛЕН беше политичка ароганција, а не рамноправно партнерство – изјави Таравари.