Таравари: Онкологија ќе има приоритет за нови вработувања


Ќе подготвиме специјален извештај за дефицитот на кадар, како медицински сестри, технички кадар и доктори на Клиниката за онкологија, но и што поскоро да ги активираме амбулантите во Тетово, Битола и во болницата „8 Септември“, со што би се намалил притисокот на оваа клиника.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Арбен Таравари откако ја посети Клиниката за онкологија заедно со Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, посочувајќи дека на состанокот се разговарало за проблемите кои се присутни на сите клиники, но, како што рече, приоритет засега ќе ѝ се даде на оваа клиника.

„Следниот период како министер ќе инсистирам да се дозволат вработувања, да не ги преоптоваруваме вработените. И така цела Македонија гравитира само тука. Се работи за 100 лежечки пациенти и 50 амбулантски пациенти. Идната недела ќе имаме конкретни барања од Клиниката, а потоа заедно со директорот на Онкологија да седнеме со министерката за финансии и да побараме, да вршиме притисок, да дадеме приоритет за вработувања на оваа клиника, за да може да се функционира. Вака и за пациентите е тешко, но и за кадарот е претешко“,
рече Таравари.

На прашањето каде ќе најде медицински кадар за вработување, Таравари рече дека за жал многу од кадрите си одат надвор, но дека, како што рече, го известиле дека има кадар, кој, според него, може веднаш да се активира.

„Има и физичари, технолози, доктори и медицински сестри. За овој кадар да биде како што треба, потребни се месеци, но и години. Но, мораме да почнеме. Не може ниту вака да ги оставиме. Има реперкусии по пациентите“,вели тој.

Обвинителството за „Онкологија“: Лекови на реверс, скапи третмани ден пред да почине пациент, злоупотреба на 30 милиони евра

Најави дека е потребна стратегија за специјализација, а за тоа, како што рече, ќе се сретне и со деканот на Медицинскиот факултет, со цел да најдат начин да ги мотивираат докторите да специјализираат области кои се дефицитарни.

„Имам информација дека не се повеќе од 50 онколози низ целата држава, што е мала бројка за државата. Истото важи и за патолозите. Веројатно ќе треба да се направи мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност или да ги мотивираме докторите да специјализираат онкологија или патологија“,
рече министерот за здравство.
На прашањето за употребата на акцелераторите за кои се дале пари, а во одредени болници не се користат повеќе од десет години, министерот рече дека треба да се направи нешто со акцелераторот во Штип, кој не е користен долго време, а веќе е амортизиран.

„Такви примери има повеќе. Иста е состојбата и со апаратот во болницата ‘8септември’. Ако апаратот не може да се користи, тоа значи дека сме неодговорни. Купуваме апарат од два милиони евра и никогаш не го користиме и веќе е амортизиран и треба плус да се плати за да се фрли“,вели министерот.

Според Таравари, смешни се обвинувањата од „Европскиот фронт“ за недоволно вработување кадар од албанска националност во институциите низ државава и додаде дека не само во здравствените институции, туку воопшто има малку вработувања на албански кадар.

„Не држат овие работи кои ги кажуваат. Меѓутоа, ги разбирам, задача на опозицијата е тоа, нека продолжат. Меѓутоа, фактите ќе си кажат како стојат работите“,
рече министерот за здравство.
За проблемот на Онкологија со недостиг на терапија, Игор Стојковски, директорот на Онкологија, кажа дека се работи на проблемот и се надева дека набрзо ќе се реши.

Back to top button
Close