Таравари: Пред 100 дена почна нова ера, коалицијата „Вреди“ докажа дека може поинаку да се владее
Пред 100 дена започна нова ера! Ера во која веќе никој не ја чувствува тежината на неправдата, каде ниту едно албанско семејство не чувствува дека нема иднина. Заедно ја градиме оваа иднина! Иднина во која моќта е во рацете на народот.
Ова го порача претседателот на Алијанса на Албанците и министер за здравство Арбен Таравари по повод првите 100 дена од новата Влада, чиј дел е и албанската коалиција „ВРЕДИ“.
Таравари од САД, каде што учествува на 79-то Собрание на ОН, преку видео-врска истакна дека конечно дојде крајот на 22-годишната клика на ДУИ и изразува благодарност до секој сопатник за промените.
„Драги присутни пријатели, пријателки – сопатници за промените, иако не сум физички со вас поради официјална посета на САД, знам дека денес во Скопје нè зближи длабокото чувство на надеж, гордост и триумф. Не за нас, туку за секој Албанец кој 22 години живееше под сенката на корумпираната клика која му го одземаше здивот на нашиот народ. 22 години! Речиси четврт век, каде секој од нас доживеа неправда, каде светлината на надежта секојдневно ја вклучуваше и гасеше една моќна машинерија која не прашуваше за потребите на народот. ДУИ беше страв врз кој беше изградена империја на корумпирани политичари, додека народот се чувствуваше слаб пред нивната дрскост. Но, знаете што? Не се откажавме! Додека тие му го свртеа грбот на народот, ние се заколнавме дека нема да дозволиме да умре никаква надеж. И еве сме денес! Со крената глава! Со полно срце! Затоа што сите заедно успеавме да го ослободиме Албанецот од режимот кој не држеше во заложништво повеќе од две децении. Се исплати трудот да се тргнат од сцената оние кои со насмеани лица, но со мрачни души, им ја негираа иднината на нашите млади луѓе, кои ја искористија власта за да се збогатат, оставајќи ги граѓаните во сиромаштија и очај“, нагласи Таравари, претседател на АА.
Во својот говор, тој понатаму истакна дека денеска Албанците се слободни! Не само ослободени од политичка партија, туку ослободени од систем кој го презираше и омаловажи нашиот народ. „И оваа слобода, оваа победа е ваша. Ова е победа на оние кои никогаш не престанаа да веруваат во промени. И оние кои пред секоја војна, пред секоја препрека, одбија да молчат. Затоа што тишината е најголемиот непријател на слободата“.
„Пред 100 дена започна нова ера! Ера во која веќе никој не ја чувствува тежината на неправдата, каде ниту едно албанско семејство не чувствува дека нема иднина. Заедно, ја градиме оваа иднина! Иднина во која моќта лежи во рацете на народот, а не во џебовите на корумпираните. Во овој период од 100 дена, владеењето на коалицијата ВРЕДИ докажа дека и во Северна Македонија може поинаку да се владее, на народот може да му се служи без скандали, со чест и достоинство, а не за лични и групни интереси„, истакна престедатлот на АА, Таравари.
Тој во својот говор се задржа и во Министерството за здравство, ресорот со кој раководи. Истакна дека Министерството за здравство започнало со закрепнување на здравствениот систем.
„Овој систем сега е ослободен од корупциската епидемија и соодветно им служи на граѓаните. Во овој краток период постигнавме голем број резултати. Ќе издвојам само неколку:
1. Ја укинавме функцијата економски директор за да ги намалиме непотребните трошоци и да ја минимизираме можноста за корупција во клиниките;
2. Обезбедивме вработување на 600 приватни специјалисти кои ќе ги опслужуваат граѓаните;
3. По 10 години ја ажуриравме позитивната листа на лекови за 9 нови генерички лекови, вкупно 87 лекови во различни форми;
4. Обезбедивме средства за доизградба на болниците во Кичево и Штип, како и ја реконструиравме Клиничката болница во Тетово;
5. Обезбедивме 10 милиони евра за прочистување на воздухот во здравствените установи;
6. Купивме опрема од 1 милион евра за Универзитетската клиника за дигестивна хирургија;
7. Обезбедивме современа опрема, како што е магнетната резонанца вредна 1,3 милиони евра, а и современ хируршки микроскоп за Универзитетската очна клиника;
8. Започнавме со реконструкција на зградата во која ќе биде сместен првиот дневен центар за малолетни и возрасни лица со аутистичен спектар;
9. Ја реновиравме невролошката амбуланта на Клиниката за детски болести“, подвлече Таравари.
Ова се само дел од нашите достигнувања во овој краток период, а ќе се залагаме за градење на еднакво општество, каде што секој поединец ќе има можност да придонесе и да има корист, истакна првиот човек на АА во својот говор упатен до присутните при одбележувањето на 100 дена од новата Влада.
„Ќе работиме за подобро образование, за здравствен систем кој им служи на сите и економија која дава можности за нашите млади лица. Ќе бидеме будни! Секој ден ќе се сеќаваме на жртвите што не донесоа овде. Секојдневно ќе се залагаме да ја заштитиме нашата слобода, да ја зајакнеме демократијата и да обезбедиме посветла иднина за генерациите што доаѓаат“, рече Таравари. Тој истакна дека вредел заморот, несоницата и, како што нагласи, секоја жртва за да ги скршиме оковите што не врзувале толку долго! Говорот го затвори со порака дека: „Резултатите зборуваат сами за себе. Промената што ја ветив се случи и оваа промена ќе влијае на секој граѓанин, секое семејство и секој Албанец на нашата земја“.
Арбен Таравари