Таравари сакаше шест општини, остана со четири, а заврши со нула – велат од ВЛЕН
„Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси“, пишува во соопштението од оваа коалиција
Од коалицијата ВЛЕН денеска реагираат за неуспехот на локалните избори во општините Гостивар и Врапчиште, каде не е исполнет цензусот, посочувајќи дека тоа е јасен одговот на политичките акробации што со месеци се прават во име на Албанците, но за лични интереси.
„Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси“,се вели во соопштението од ВЛЕН.
Според коалицијата, ова е порака, пред се, до Арбен Таравари и до Исен Шабани, кои погрешно процениле дека гласачите ќе ги следат во менување на принципите како ситни пари.
„Иако се обидуваат да најдат оправдувања, суверениот со овој потег има удри силна шлаканица на политиките на менување принципи за ситни лични интереси. Таравари отиде за шест општини, остана со четири и заврши со нула“пишуваат од коалицијата.
Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците во мај годинава ја напушти коалицијата ВЛЕН и на локалните избори настапи самостојно.
Според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од локалните избори одржани на 19 октомври, во четири општини каде не се исполнети законските услови за излезеност од законскиот минумум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина, ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.
Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.
Во Гостивар одзивот е 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.