Таравари со критика кон Азир Алиу за непочитување на уставното име на државата и албанскиот јазик
Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари упати остра критика кон Министерството за здравство, обвинувајќи го за кршење на Преспанскиот договор и за непочитување на уставните норми, само еден ден по средбата меѓу Таравари и американската конгресменка со грчко потекло, Никол Малиотакис.
Повод за реакцијата беше неодамнешното отворање на здравствениот дом во општина Илинден. Според соопштението, Министерството направило два крупни пропусти – на поставените табли не бил употребен албанскиот јазик, а наместо уставното име „Република Северна Македонија“ било напишано само „Република Македонија“.
„Овие постапки се спротивни на законските одредби за употреба на јазиците и претставуваат директно непочитување на Преспанскиот договор“, стои во соопштението. Оттаму бараат јавно извинување од Министерството за здравство, а од министерот Фатмир Меџити – политичка одговорност, поради, како што посочуваат, „оштетување на меѓународниот углед на државата“.
Реакцијата повлекува и прашање за можно усогласено дејствување помеѓу одредени политички кругови во Грција и Албанците во Македонија, со цел да се отвораат прашања за кои се смета дека се затворени со Преспанскиот договор. Контекстот дополнително го заострува фактот што Малиотакис е позната по своите ставови против уставното име на земјата.
Настанот предизвика и поширока политичка дебата околу стратегијата на опозицијата, но и повторно го актуелизираше прашањето за јазичната и идентитетската чувствителност во земјата.
Министерството за здравство сè уште нема излезено со официјална реакција на обвинувањата