Таравари тврди дека нема притисоци и ако АА одлучи да влезе во Владата прво ќе има референдум меѓу членството

Централното претседателство на Алијанса за Албанците (АА) денеска ќе дискутира за тоа дали партијата од опозиција ќе премине во власта, но тоа, според изјавата на партискиот претседател Арбен Таравари, нема да биде и конечна одлука зашто планот е да се организира референдум меѓу членството.

„Ако се одлучи да се влезе во Владата, тогаш ќе формираме една комисија од три или пет члена која ќе има задача да организира партиски референдум во сите ограноците и да седне и да преговара за понатаму дека можеме да разговараме за ресори и друго. Ако не, тогаш овде ја затвораме оваа приказна и продолжуваме како опозиција“,

изјави Таравари пред почетокот на состанокот на Централното собрание.
Ставот на меѓународниот фактор, посочи тој, е дека европската агенда треба да се протурка по секоја цена и оти не треба да се брза со избори. Но, во одлуките на партијата дали ќе влезе во Владата или не, дециден е Таравари, никој не може да се меша.

„Бидејќи имавме обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ да им кажам кој политички фактор или странска амбасада се меша АА да биде во Владата, јавно им кажувам дека нема право никој да се меша одлуките на партијата, ниту меѓународен фактор ниту внатрешен фактор ниту надворешен. Меѓутоа, ние сме имале комуникација со нив и ни е кажано дека европската агенда треба по секоја цена да се протурка, дека не треба да се брза со избори. И ние сме кажале дека и ако сме опозиција и ако сме во влада, ќе ги изгласаме уставните промени. Нема таков фактор кој може да влијае во АА за да биде одлучувачки … Во некои моменти не е целта само доброто на партијата, во одредени моменти битен е и процесот и обичниот граѓанин, тој што не е ниту ВМРО, ниту СДСМ, ниту Алијанса ниту ДУИ. Треба да донесеме одлуки важни за државата и граѓаните кои живеат во таа држава“,рече претседателот на АА

Тараври тврди и дека не е точно оти постои предлог АА да ги преземе министерствата за правда и за здравство и повтори дека прво треба да се одлучи дали партијата ќе реши да стане дел од власта или ќе продолжи како опозиција.

Неговото лично мислење е дека евентуалниот влез во Владата ќе има и позитивни и негативни страни, но кои се аргументите и размислувањата на останатите партии и претставници на меѓународната заедница, тој денеска ќе презентира пред неговите сопартијци.

„Досега немаше партиски тела, моја обврска е пред членовите на Централното собрание да ги соопштам сите информации што ги имам во овие контакти со други политички партии, со релевантни политички чинители во регионот и со меѓународните претставници што сум разговарал. Да кажам што се нивните аргументи, мислења, не за влегување туку за целокупната ситуација“,рече Таравари.

Партиските тела кои досега не беа формирани, според најавите, на денешната седница на Централното собрание на АА ќе се изберат. Седницата следува откако на крајот на декември 2022 на вонреден конгрес Таравари беше избран за нов претседател по оставката на Зијадин Села септември лани.

Новите партиски тела ќе се формираат согласно новиот партиски статут, според кој,новина ќе биде функцијата претседател на Собранието. Исто така, ќе се изберат и потпретседатели и секретари на партијата, како и членови на централното претседателство на Алијанса за Албанците.

Back to top button
Close