Таравари вели дека ја напуштил власта поради блокадата на ЕУ-интеграцијата и меѓуетничките односи
Лидерот на едно крило на Алијансата за Албанците и поранешен министер за здравство, Арбен Таравари, зборуваше за причините за напуштање на владината коалиција, состојбата со правата на заедниците, меѓуетничките и меѓукултурните односи, како и за блокадата на европските интеграции.
Тој објасни дека нарушувањето на меѓуетничката рамнотежа и непочитувањето на претходните договори за законот за правична застапеност се индикатори дека партнерството не функционира.
„Да бидам искрен, ова не е директната причина, но е една од причините – да, ова е вистина. Имавме договор меѓу четирите партии на ВЛЕН и премиерот за закон подготвен од Алијансата за Албанците, кој би гарантирал правична застапеност за сите заедници. Беше кажано дека ќе биде одобрен во декември, но поминаа месеци, а законот никогаш не беше донесен“, нагласи Таравари.
Таравари коментираше и за прашањето за уставните измени и европскиот пат на земјата. Тој изјави дека Македонската заедница треба да има ексклузивно право да одлучува за идентитетските прашања, но дека целото општество има интерес Македонија да стане дел од Европската Унија.
„Францускиот предлог беше политички искористен од ВМРО-ДПМНЕ за привлекување гласачи, но суштината е договорот меѓу Македонија и ЕУ. Време е премиерот да најде начин да ги продолжи преговорите, бидејќи земјата заглавува. Интеграцијата е во интерес на сите – Македонците, Албанците и другите заедници“, рече Таравари.