Таравари: ВМРО-ДПМНЕ да се преиспита, си го намалува капацитетот за коалиција со албанските партии
Актуелниот градоначалник на Гостивар и в.д. претседател на опозициската Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ да си ги преиспита постапките бидејќи прави грешки со кои си го намалува коалицискиот капацитет за коалиција со некоја албанска партија.
„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги преиспита нивните политики. Нивниот ’вординг‘ не одговара на партиите кои се за интеграција на земјата во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ прават грешки и затоа сметам дека треба да ги преиспитаат нивните политики. Државата треба да тргне напред и сите да помогнеме што побрзо да се почнат преговори со ЕУ. ВМРО со иницијативата за референдум направи грешка. Но, прават и други грешки и со тоа се намалува коалицискиот капацитет со албанските партии – вели Таравари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, минатиот петок во емисијата „360 степени“ рече дека при евентуално идно формирање влада како потенцијален коалициски партнер ја преферира албанската опозиција, но дека важно е и да се има двојно мнозинство во Собранието.
„Јас ја преферирам албанската опозиција, но честопати го говорам тоа и ќе го повторам во вашата емисија дека, сепак, има едно правило над сите правила и желби, а тоа е правилото на Бадентер кое, доколку сакаме да имаме успешно спроведени реформи, мораме да го почитуваме – рече Мицкоски.