Таравари: Вратата за тие што заминаа засекогаш е затворена, тие секогаш беа сателити

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека и покрај предизборните ветувања за промени, сега не може да каже дека тие се реализирале.
-Во 2024 година рековме дека ќе донесеме промени, но денес не можеме со гордост да кажеме дека ги донесовме. Ако отидете во царина, болници или други институции и прашате: Дали ви е подобро сега отколку пред да дојдеме ние?, сите ќе одговорат дека им било подобро порано – рече Таравари на собирот на АА што се одржа вечерва во Куманово.
Настанот, на кој треба да се избере изборниот штаб на партијата, се одржа во присуство на голем број симпатизери и под засилено полициско обезбедување.
Таравари, кој беше пречекан со аплаузи, најави дека ќе го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партискиот собраниски состав, по заминувањето на пратеничката Мимоза Муса од партијата.
-Ми е жал за тие што си заминаа. Секогаш сум се трудел да ги задржам сите заедно. Но, нека знаат дека вратата на АА за нив засекогаш ќе остане затворена – изјави Таравари.
Тој упати критики и до оние кои, според него, останале во владата поради лични интереси.
-Едниот што беше контакт со ДУИ сега вели дека не сака да соработува со нив. Другите нека си земаат плата до октомври, потоа сè ќе се смени. По локалните избори ќе имаме нова ситуација. Оние што си заминаа, и кога дојдоа беа сателити. Во ноември некој ќе ги спакува куферите и ќе си замине, а тука ќе останат оние што ќе нè следат – порача Таравари.