Таравари за БГНЕС: Уставот мора да се промени, оптимист сум дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје и да започнеме преговори со ЕУ
Оптимист сум дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје за да можеме да го надминеме овој кризен период и да започнеме преговори со Европската Унија. Во секој случај, Уставот мора да се промени вели во интервју за бугарската агенција БГНЕС, министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.
„Премиерот Мицкоски сака некаков вид гаранција за да нема нови услови, бидејќи патот на Северна Македонија кон членството во НАТО беше тежок. Оптимист сум дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје за да можеме да го надминеме овој кризен период и да започнеме преговори со ЕУ“, вели Таравари.
На прашањето, дали се бара решение надвор од Преговорачката рамка, Таравари е дециден дека Уставот мора да се смени.
„Во секој случај, Уставот мора да се промени. Премиерот со право сака некаква гаранција дека ова е последниот услов, дека нема да има други услови за Македонија. Се надевам дека ќе се најде некакво решение меѓу Скопје и Софија, дури и со гаранции од Брисел и Вашингтон, за да се помине овој период, кој е многу важен за Република Северна Македонија“, посочува Тараври.