Таравари за инцидентот на скопскиот аеродром: ДУИ да одговори – дали за време на нивните патувања избегнуваат скенери
Министерот за здравство Арбен Таравари, воедно и претседател на делот од Алијанса за Албанците кој членува во коалицијата „Вреди“, по инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи, на Фејсбук ја повика ДУИ да престане да шири манипулации и да ги нарушува односите меѓу Косово и Северна Македонија.
Таравари напиша дека „Вреди“ изразува загриженост бидејќи ДУИ користи лаги и манипулации во обид да му наштети на „Вреди“, без да се грижи за последиците што може да му ги нанесе на Косово.
Повика јавноста да ги следи фактите, а не, како што вели, пропагандата на ДУИ.
„Министерството за внатрешни работи и државата немаат надлежност за безбедноста на аеродромот, туку тоа е во надлежност на концесионерот, во случајов ТАВ. Според Виенската конвенција, државните лидери имаат посебен третман за време на патувањето, но деталите за безбедносните протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање се случи и кога технички премиер беше Талат Џафери. Зошто ДУИ не зборува за тоа? Ја повикуваме ДУИ да одговори дали за време на нивни патувања избегнуваат скенери“,напиша Таравари