Таравари за медицинската сестра од Детска клиника: Не мислам дека сме ја оцрниле, чекам да ја слушнам нејзината страна од приказната

Министерот за здравство Арбен Таравари не се согласува дека е оцрнета медицинската сестра на Детската клиника, која беше обвинета дека му нанела физички повреди на тримесечно бебе.

Министерот кажа дека и денеска не се сретнал со медицинската сестра бидејќи не била на работа, но се видел со Комисијата.

Од сознанијата што ги има, како што вели, повредата не настанала намерно.

„Не е вистина дека сме ја оцрниле. Вечерта кога бевме кај бебето реков дека не сакам да предрасудувам и дека треба да ја слушнам и другата страна. Се надевам дека сестрата, кога ќе дојдам по четврти пат на Клиниката, ќе ја најдам, ќе ја сретнам и ќе разговарам и со неа. Меѓутоа сега имам доволно информации и најверојатно, според тоа што го кажуваат дежурните доктори и болничарката, но и другата сестра што била заедно на дежурство дека не е намерно и јас посакувам и се надевам дека не е така“,рече Таравари денеска во одговор на новинарско прашање.

Таравари го чека писмениот извештај од Комисијата во врска со случајот со повреденото тримесечно бебе

Прашан дали поради овој случај ќе има некакви санкции против директорот на болницата, Таравари рече дека треба прво да се почека заклучокот од стручната Комисија што беше формирана на Клиниката за детски болести.

„Стручната Комисија имала еден состанок и сега треба заклучокот да стигне во Министерството за здравство. Ако нема грешка од медицински персонал тогаш нормално дека нема да се прземаат никакви мерки. Но, доколку констатираме, а од ова што го слушам денеска од тие што биле непосредно тука, има впечаток дека не е намерно. Но, ајде да го почекаме заклучокот од Комисијата“одговори Таравари.

Случајот со тримесечното бебе за кое семејството тврди дека е малтретирано од медицинска сестра од Клиниката за детски болести и се здобило со модринки по телото беше разгледуван од стручна Комисија при Клиниката.

Откако заврши со разгледување на случајот, директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди рече дека Комисијата утврдила оти медицинската сестра немала никаква намера да му нанесе повреда на тримесечното бебе.

Back to top button
Close