Таравари за случајот со директорот на Геријатрија: Ова е недозволиво, секој кој се огрешил пред законите да понесе одговорност

По објавата дека директорот на специјализираната болница за Геријатрија Мухсин Арифи е приведен под сомнение дека зел мито за да хоспитализира пациент, се огласи министерот за здравство Арбен Таравари, кој ги повика надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со настанот.

– Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме. Партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата – се вели во соопштението од Таравари.

Back to top button
Close