Таравари: Зимскиот распуст на учениците да трае два месеци, а летниот само еден ипол

Општина Гостивар за да се заштеди енергија, од Владата ќе бара да ги одобри мерките кои се планираат на локално ниво со исклучување на дел од уличното осветлување и продолжување на училишните распусти. Овие предлози ги соопшти градоначалникот Арбен Таравари на средбата со директорите на училиштата на која меѓу останатото се зборувало за почетокот на новата учебна година, за заштеда на електрична енергија и предлози за спроведување на мерките.

Таравари е убеден дека учебната година ќе почне навреме и дека учениците нема да трпат поради ограничувањата. Тој ќе побара од централната власт да има измени во времетраењето на училишните распусти.

– Како локална самоуправа ќе поднесеме две барања до Министерството за образование. Првото, зимскиот распуст да биде период декември-јануари, односно два месеци, а летниот распуст да трае околу месец и половина. Учебната година да заврши на јуни, а да започне на 15 август. Второто барање е училиштата да плаќаат како за домаќинствата, а не по тарифа за индустриска струја, изјави Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар.

Тој се осврна на и рационализирање на трошоците и притоа напомена дека Владата не направила ништо за да им помогне на општините во надминувањето на кризата. Во таа насока според Таравари планирано е на територијата на општината освен исклучување на дел од јавното осветлување, ќе се „затегне ременот“ и во останатите институции кои се под локалната власт.

Тој појасни дека трошоците за струја во изминатиов период се зголемени за пет пати и тоа создава голем товар.

– Што се однесува до заштедата на струја, имаме план од 1 септември на полноќ да исклучуваме дел од јавното осветлување од главните улици, но не и по споредните улици. Штедење ќе има и во општинската зграда и другите институции под наша надлежност, најави Таравари.

Градоначалникот смета дека со идејата за давање под концесија на јавното осветлување многу проблеми ќе бидат решени, бидејќи како што нагласи, општината во вакви услови повеќе губи отколку што добива.

Back to top button
Close