Тасева за тимот од САД што ќе истражува корупција: Порака дека повеќе нема да се толерираат само зборови

Порака дека нема веќе да се толерираат само зборови, мора да се покаже дека нешто се прави. Мислам дека е така најдобро да ги оцениме, но што ќе излезе како резултат, ќе видиме., вели во разговор за „Локално“, претседателката на Здружението Транспаренси интернешнал Македонија, Слаѓана Тасева, откако беше најавено дека во земјава доаѓа тим од САД кој што ќе работи на откривање на корупција меѓу бивши и сегашни функционери.

Тасева смета дека мора да се види формата и задачата на тимот.

 

 

-Сепак не знаеме во која форма доаѓаат тие специјални тимови и што им е задачата да прават и врз основа на што ќе го прават. Сепак ние сме држава која што има свои закони и јурисдикција и зависи како е тоа замислено, оценува претседателката на Транспаренси.

На прашањето дали сето ова е со цел земјава да ги забрза евроинтеграциските процеси, соговорничката вели дека „сите се повикуваат на тоа“.

-Ние сме и во рамки на НАТО најкорумпирана држава. Ако сакаме да бидеме рамноправни партнери, а покажавме дека не сме преку безбедносните киксови со издавање на пасоши и државјанства, очигледно дека има проблем со нас и сите што сакаат да работат со нас понатаму, би сакале да имаат и доверба, потенцира Тасева.

Во однос на црната листа на САД на која веќе се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков, Тасева очекува да има нова листа со лица обвинети за корупција.

-Ако се оди по истиот принцип и истиот пристап како црната листа на САД објавена во април годинава, верувам дека ќе добиеме нова листа на луѓе и случаи кои треба да се расчистат. Самодекларативноста повеќе не помага. Никого не можеме повеќе да го убедиме дека сме сериозни во тоа што го зборуваме, децидна е соговорничката.

Тасева очекува и вклучување на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во работата на специјалниот тим од Вашингтон.

-Доколку има потреба од вклучување Антикорупциската комисија и на тимот од Вашингтон му требаат податоците, треба да се вклучи и ДКСК. Мислам дека тие секогаш биле подготвени да се вклучат доколку е неопходно, но уште понеопходно нивните постапки и одлуки да се спроведуваат понатаму, порача претседателката на Транспаренси Интернешнл.

Тим од Вашинтон пристигна во земјава за поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери. Вака денеска твитна американската амбасадорка Анџела Агелер.

-Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот, објави Агелер на Твитер, без да даде повеќе детали околу нивната задача и надлежности.

И заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, минатата недела најави дека САД ќе продолжат со воведувањето санкции за корумпирани политичари бидејќи досегашните вродиле со плод.

преземено од локално.мк

Back to top button
Close