Татко ја тепал ќерката со саксии на балкон додека таа молела за помош

Скопјанка сведочи за инцидент што се случи во саботата вечерта околу 19 часот во скопската населба Црниче. Вели дека 70-годишен татко физички ја нападна својата 30-годишна ќерка на балкон од станбена зграда, пишува „Вечер“.
Очевидци раскажале дека мажот ја удирал жената со саксии по главата, но и удирал и силни шлаканици по лицето.
Девојката барала помош од минувачите.
„Викаше ‘помогнете ми’, бараше некој да повика полиција. Потоа насилниот маж ја внесе внатре и ги затвори балконските врати“, раскажува сведокот.
Луѓето кои биле пред супермаркетот во близина останале шокирани од сцената.
Неколкумина очевидци се јавиле на бројот за итни случаи 112, каде што оператор примил пријава и ги поврзал со полициската станица „Пролет“.
Од таму им било кажано дека веднаш ќе биде испратена патрола. Сепак, според сведоците, полицијата пристигнала дури по околу половина час.
„Кога конечно пристигнаа полицајците, ни зедоа изјави и влегоа во зградата. Кога излегоа, прашавме дали жената е добро. Ни одговорија дека е црвена, но психички не е ОК“, раскажа сведокот.






