Татко ми ме облекуваше како момче десет години за да ме заштити и да можам да живеам слободно

Лицето на Нилофар Ајуби било црвено од шлаканицата која ја соборила на земја додека играла на улиците низ Кундуз, во северен Авганистан.

Само што наполнила четири години кога непознат брадест човек, дошол над неа и и ја ставил раката на градите, барајќи знаци на „женственост“. Ја удрил по лицето и и се заканил дека ако уште еднаш ја види без хиџаб (марама), ќе му се одмазди на нејзиниот татко.

„Отидов дома плачејќи и мојот татко беше толку лут што целиот се зацрвени. Вриеше од бес. Се сеќавам дека кружеше низ собата мрморејќи си „Како се осудил да те допре?““, се потсетува Нилофар 23 години после инцидентот во интервју за Би-би-си.

И тогаш донесе радикална одлука:
„Побара од мајка ми да донесе ножици, ми ја исече косата и ми рече ‘Облекувај ја како момче’“.

Нилофар пораснала во Авганистан за време на првата талибанска власт над земјата од 1996 до 2001 година. Скоро десет години живеела како момче, бегајќи од репресивната контрола која строгата интерпретација на шеријатскиот закон на оваа милитантна група ја наметнува на жените. Денес додека живее во азил во Полска, се потсетува на спомените од деството, опишувајќи како изгледало растењето во една од најконзервативните области во светот во која полот со кој сте родени ги одредува правата кои ги имате.

 

Растењето

Нилофар е родена во 1996 година, иако во нејзиниот пасош пишува дека е родена 1993 година. Татко и сакал таа да почне со школување порано, кога америнската интервенција во Авганистам ги натерала Талибанците да почнат да се кријат во 2001 година.

„Кундуз не беше воопшто град каде е лесно да се родите како жена. Доволно е тешко да се биде и машко за да се преживее на тоа место, а не па жена, вели таа за Би-би-си.

„Да се биде момче автоматски значи дека имате моќ, па дури и да сте двегодишно момче тоа значи дека многу повеќе сте ценет дури и од мајка ви која ве родила. Како син, на само четири години можете да биде законска придружба на жената која ве родила. Таа е како роб – како жена вие сте невидливи“

Нилофар вели дека било вообичаено за фамилиите да ги облекуваат ќерките како момчиња, особено ако во семејството немало „машки хранител“, плашејќи се дека кој било помоќен маж може да и пријде на жената која нема хранител и да ја направи негова следна сопруга.

„Во мојот случај беше поинаку. Не беше поради отсуството на машки хранител – туку за да можам да живеам слободно“.

Слобода

Додека стоела таму, со необичната нова фризура и во старата облека од нејзиниот брат, Нилофар, не била сосема свесна колку радикало ќе и се промени животот.

„Добивав ист третман како браќата: смеев да одам на пазар со татко ми облечена како момче. Можев да се возам со автобус и да тренирам спорт. Имав пријатели во нашиот крај, момчиња. Бев надвор и цело време си играв“

Животот за нејзините сестри пак, од друга страна бил како и за секоја друга жена во Авганистан – морале да ја покриваат косата дури и ако се дома и да носат облека која им го прикрива телото што е можно повеќе.

Тоа биле работи кои нивниот татко ги презирал.

„Татко ми не се согласуваше дома да ги носиме тие традиционални жолти фустани, секогаш се расправаше со мајка ми и и велеше: ‘Зошто не ги облекуваш нормално?Овој фустан е предолг. Зошто е овој фустан толку широк?’“.

 

Стекнување самодоверба

Нилофар вели дека поради растењето со два идентитета секогаш се чувствувала поинаку. Можеби единствена личност на која можела да и се довери била нејзината најдобра пријателка која исто така живеела како момче и со која влегувала во разни неволји.

„Ние две бевме соучеснички во бељите, секој пат кога едната од нас беше фатена во нешто, другата доаѓаше напомош“, вели Нилофар.

Таа вели дека била многу самоуверена како момче што на луѓето им било тешко да претпостават дека не е. На собирите ги закачала другите девојчиња исто како и момчињата што правеле, велејќи им дека изгледаат „секси“.

Но и оваа слобода имала своја цена: никогаш не научила како да живее како Авганистанка во традиционална смисла и и било тешко да го зачува односот со нејзините сестри.

„Никогаш не се поврзав со сестрите. Никогаш не разбрав како изгледа нивниот свет. Ниту знаев дека девојките добиваат менструација“.

Нилофар гледала реклами за хигиенски влошки на телевизија, но не знаела за што се користат. „Еден ден најдов една влошка под тепихот и го прашав татко ми: ‘Тато види! Како она на телевизија. Баш е смешно. За што се користи?’. Мојот кутар татко само кажа: ‘Не знам, не знам’.“

Татко и со години бил цел на закани

„Тогаш ја прашав сестра ми и се сеќавам дека ме опцу и ми ја зема. Дури ни тогаш никој не помисли: ‘Во ред, требаше да и кажеме за менструацијата’.“

 

Враќање во реалноста

После еден ужасно напорен тренинг по џудо, кога имала 13 години, Нилофар се вратила дома и се чувствувала ужасно – ја болеле нозете и само сакала да легне во кревет. Кога отишла во тоалет и видела дека крвари, ја фатило паника, но не мислела дека во животот ја чека уште еден радикален пресврт.

Наредниот ден кога и кажала на пријателката, таа и се насмеала и и рекла: „Колку си глупава. Зарем твоите сестри не ти кажаа“? Нејзината пријателка, единствената на која можела да се довери за подвоениот живот, била таа која конечно и помогнала да ја разреши мистеријата на хигиенските влошки кои ги гледала на телевизија.

„Се вратив дома и мајка ми виде флека на мојата облека. Наместо да дојде да ме утеши, таа почна да ме пцуе и да прашува: Зошто мораше да пораснеш толку брзо?“

Нејзината мајка плачела бидејќи знаела дека и иднината на Нилофар ќе изгледа како и нејзините други ќерки, помеѓу четирите ѕидови на сопствениот дом.

За самата Нилофар тоа било трауматично искуство: „Постоеше мит дека ако пројдете под виножите, вашиот пол ќе се промени. Бев толку лута затоа што сум девојче и ноќе плачев, молејќи ми се на Бога да ми дозволи да пројдам под виножито“.

 

Бунтовничка

Годините на Нилофар како „момче“ ја обележале нејзината адолесценција и го разбудиле во неа бунтовниот дух, па во училиштето основала група во која девојчињата учеле за промените во нивното тело.

Тоа и овозможило и да студира во странство, во Индија, и ги обликувало нејзините ставови за бракот. „Имаше многу додворувачи, дури и кога бев многу млада, но мојот татко беше секогаш заштитнички настроен кон мене. Велеше: ‘Нема да се мажи сега. Ќе ги заврши студиите и потоа ќе избере’“.

Нилофар на крај се омажила во 2016 година, на 19 години. На некој начин, вели, нејзиниот сопруг и помогнал да ја исполни празнината која ја оставил татко и, кој починал една година порано.

„Секако не може да го замени мојот татко, но ми беше и се уште ми е голема поддршка“.

 

Бегство

Семејството на Нилофар се проширило и тие се преселиле во Кабул, главниот град, каде отвориле ланец продавници за мебел. Кога одело добро, вработувале и по 300 луѓе, главно жени кои немале хранители.

Но во 2021 година, кога Талибанците почнале да заземаат територија, а Американците и нивните сојузници се спремале да заминат од Авганистан, и фамилијата на Нилофар сфатила дека е време да се кријат.

Кога завладеал хаос на улиците на Кабул, побарале засолниште во една сигурна куќа близу фирмата, додека нејзината мајка и сестрите останале да другиот крај на градот.

Нилофар зборувала со новинарите од другите земји и од прва рака им кажувала што се случува на терен за време на немирите. Еден од тие новинари, млад новинар од Полска, ја прашал дали таа и нејзината фамилија се на некој список за евакуација кој би можел да им помогне да ја напуштат земјата: „Му кажав дека не сме“, се сеќава Нилофар, „а тој ми кажа: ‘Дај ми еден час’“.

Била ставена во група на Ватс-ап и добила инструкции да дојде на меѓународниот  аеродром во Кабул за 24 часа, само со два ранци.

„Мојата мајка беше таму со Светата книга во рацете и тоа е последен пат кога ја видов неа, својот дом…“.

 

Нов живот

Нилофар со нејзиното семејство моментално живее во Полска, земја за кој знаеле многу малку пред да се качат во тој авион.

Сепак, и покрај сите потешкотии успеала да стане активистка за женски права. Патувала во Брисел, Германија, САД каде го споделувала своето искуство.

Потсетувајќи се на драстично поделениот живот Нилофар вели дека „истовремено бил и благослов и проклетство“.

„Беше проклетство бидејќи во некоја смисла ме остави скршена. Не можам до крај да бидам жена, а не можев да бидам ни маж. Но е благослов бидејќи можев да ги искусам двете страни и затоа станав силната жена која што сум денес“.

Извор: bbc

Превод: Марта Стевковска

Back to top button
Close