Таткото на Јана: Можеби Господ ја зеде Јана за да се промени нешто за другите дечиња

Стојче Христовски, таткото на шестгодишната Јана, која почина ненадејно во битолската болница, вели дека утрешниот протест во Битола го организираат граѓани револтирани од состојбите во јавното здравство. Во изјава за ТВ24 тој вели дека можеби случајот со Јана ќе промени нешто во здравството.

-Народот го прави протестот, ни до протест ми е дојдено ни до ништо. Можеби Господ ја зеде Јанушка, за да се смени нешто, да се направи нешто за другите дечиња, да им се помогне на другите дечиња. Ме прашаа дали ги поддржувам, секако ги поддржувам, бидејќи се знае какво е здравството кај нас. Сите што ќе излезат ќе излезат за нив и за нивните деца – рече Христовски.

Тој додава дека медицинските работници кои ги консултирало семејството велат дека грешката во третманот на Јана е направена при примената инфузија, кога нагло и се влошува состојбата.

-Се работи за погрешна интервентна терапија и се створило воздушна емболија, на што реагирало срцето. На пола инфузија таа почна да се губи – рече Христовски, додавајќи дека не веруваат во обдукцијата која треба да ги даде причините за фаталниот исход.

Во меѓувреме Државниот здравствен инспекторат не утврди грешки во постапувањето на лекарите, но и покрај тоа Министерството за здравство испрати стручна Комисија да ги испита случувањата во битолската болница.

Инаку, протестот што ќе се одржи утре се организира под мотот „Правда за Јана“, „Сите сме Јана“. Протестот е закажан за 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола.

Back to top button
Close