Таткото на Вања низ солзи: Немам никаква инволвираност со овие луѓе и одново и одново слушам што му правеле на моето дете и не чувствуваат ни ронка каење
На денешното рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сведочеше таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, кој е еден од обвинетите.
Тој, со емоции и плачење, одговараше на прашањата на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ, пренесе Фокус.
-Психички не сум сигурен колку сум подготвен, но сакам да дадам исказ, пред се поради Вања. Во текот на истрагата, тука во судницата беа изнесени ноторни невистини. Сакам да зборувам и заради Миња, сакам да и порачам дека тато е истиот човек кој последен пат го виде, на 4 декември 2023 година. Оттогаш навака претставен сум во екстремно спротивно светло од она што сум. Се решив да ги потиснам емоциите и да го дадам овој исказ. Да соберам сила и храброст поради сите оние што ме познаваат и страдаат со мене, но и поради оние што не ме познаваат, да ја кажам вистината. Немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе за кои приметив дека не чуствуваат ниту вина, ниту покајание. Приметив дека демонстрираат гнев и разочарување од т.н. ,,Цар”. Одново и одново слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува. Ја трескале во гепеци, ја ставале во вреќа, психички и вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаат трагите, како и за убиството на Панче и да успееле во тоа Господ знае уште колку киднапирања и убиства ќе следувале. За себа сметам дека давам голем придонес во истрагата. Контактите на Гоце со полиција и со Безбеден град. Ќе повторам, ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не приметив дека има вина и покајание, дека ќе престанеле со дејствата, изјави Ѓорчевски.
-Претежно мижам во судница, ни тука не можам да ги гледам. Во минатото имам слушнато, се крена врева околу објектот ,,Тифани”, во чија близина живеам, јас тогаш за прв пат слушнав за Палевски. Го именуваа како Упа. Го немам видено на телевизија, ниту запознаено. …
Адвокатот Владимир Туфекџиќ до Ѓорчевски: Дали сте биле нарко зависник?
Обвинетиот Александар Ѓорчевски: Релативно краток временски период во раните 90-тите поточно од 1993 до 1995 година. Мојата генерација ја зафати епидемија од нарко зависности. Не се гордеам со тоа, мене ме зафати и јас потклекнав меѓутоа веднаш штом почувствував дека сум заразен од супстанцата, побарав помош од семејството, им се поверив, иако тоа беше забележително, се гледаше, не беше тајна сите мои колеги тоа го приметуваа. Физички слабее човек. Сам најдов клиника во Турција, каде што бев се детоксицирав, 10 дена траеше третманот, и потоа следеше период на ресоцијализација кој за мене помина многу брзо, бидејќи имав поддршка од семејството имав разбирање од работодавците кои би дадоа неплатен одмор од три месеци, имав девојка, со еден збор имав живот на кој повторно му се вратив. Од тогаш до ден денес, не сум имал контакт со никаква нарко супстанца.
Адвокатот Владимир Туфекџиќ: Кажете ни дали бевте вработени и доколку сте биле, каде?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски:Накратко, од својата 18-година работам. На времето беа популарни студентските задруги имав многу ангажмани преку студентските задруги, во туристичка агенција, фри-шоп, штедилница, прво вработување на неопределено работно време ми беше во Фершпед АД каде работев од 1993 до 2002 година потоа преминав во Кометал, во еден сектор од корпорацијата за инженеринг, кога се родија дечињата. Вања беше захтевно бебенце имаше грчеви, слаба и беше крвта бараше 24 часовен ангажман околу нејзе нѐ повикуваше со плач постојано, со Зорица се обидовме да земеме жена да платиме за испомош, не се покажа добра идејата, бидејќи Зорица имаше поголема плата од мене, решивме јас да останам дома и да ги чувам децата. Бидејќи разликата помеѓу нив е 1 година и 4 месеци. Тоа траеше до 2017 или 18- кога се вратив во Фершпед, каде што ми беше кажано дека таму за мене вратите секогаш се отворени. Истото важеше и за Кометал.
Адвокатот Владимир Туфекџиќ: Дали имавте долгови?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Апсолутно не сум имал никакви долгови, можеби во периодот кога сум бил нарко зависник, имавме можности во Фершпед да земаме краткотрајни позајмици додека да стаса платата, меѓутоа тоа го правеа сите вработни. И да сум имал долгови, веднаш сум ги вратил, немам специјални и луксузни барања, скромен човек не сум познат како трошаџија.
Распитот е во тек