Таткото на Васил Јованов не се појави на судење – Судијката: Ги исцрпевме сите механизми; Обвинителството го преквалификува делото

Зоран Јованов, таткото на осудениот Васил Јованов кој ја прегази младата Фросина Кулакова, не се појави на денешното судско рочиште во Кривичниот суд во Скопје. Судијката Снежана Марковска, која претходно судеше и во предметот против неговиот син, информираше дека две покани испратени до адресата на Јованов се вратиле како неуредни. Судот се обратил и до Министерството за внатрешни работи за потврда на адресата, но одговор не добиле. Зоран Јованов доби обвинение дека му дал автомобил на неговиот син, аико Васил немал положено возачки испит.

„Ги искористивме сите законски механизми предвидени во вакви случаи,“ рече судијката. Дури и поканата до неговиот адвокат Сашко Дуковски се вратила без потврда дека е примена од обвинетиот.

Обвинителот Александар Марковски објави дека го преквалификувал делото – од „предизвикување општа опасност“ во поблагото „загрозување на безбедноста во сообраќајот“, кое носи казна до една година затвор или парична казна. Претходното дело предвидуваше затвор до три години.

„Се работи за техничка промена според начелото на специјалитет – новото дело ја опфаќа истата суштина, но е попрецизно формулирано,“ објасни Марковски.

Тодор Кулаков, таткото на трагично починатата Фросина, остро реагираше по рочиштето:

„Ова е правен инженеринг. Судијката е судија на мафијата“, изјави тој пред медиумите.

Следното рочиште е закажано за 10 септември. Судот најави дека ќе продолжи со обиди да го обезбеди присуството на обвинетиот. (Skopje1)

Back to top button
Close