ТАВ Македонија: Меѓународниот аеродром Скопје е отворен, поради маглата има откажани и пренасочени летови

Поради густата магла што ја зафати скопската котлина и предизвика намалена видливост, на Меѓународниот аеродром Скопје денеска, 20 декември 2025 година, во периодот од 00:00 до 18:00 часот, евидентирани се вкупно 16 откажани и 11 пренасочени летови.

По пладне, откако временските услови се подобрија, три авиони слетаа и три авиони полетаа. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, додека полетаа летовите за Истанбул, Осло и Баден-Баден.

Според временската прогноза добиена од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта.

Од ТАВ Македонија апелираат до патниците редовно да ги следат информациите и насоките за нивните летови што ги добиваат од авиокомпаниите, имајќи предвид дека временските услови се променливи.

За јавноста и патниците, ТАВ Македонија појаснува дека Меѓународниот аеродром Скопје не е затворен.

Аеродромот е постојано отворен, независно од временските услови, а персоналот е целосно подготвен за прифаќање, услуга и испраќање на авиони и патници.

Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на официјалната веб-страница на Меѓународниот аеродром Скопје: https://skp.airports.com.mk/

Пултот за информации на аеродромот работи 24 часа, седум дена во неделата, а достапна е и телефонската линија 02 3148 333, на која патниците можат да се информираат за статусот на нивните летови.

Back to top button
Close