ТАЖНИ ДЕНОВИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА

м-р. Глигор Стоименов
Почитувани, еве додека чекаме да се “распадне“ ЕУ и да “пропее“ Артан, тажни денови надвиснаа над нашата се уште кревка, “мекотелна“ демократија, за жал!!
Минатата недела премиерот во едно интервју изјави, веројатно непромислено, што секако не го амнестира од одговорност, дека знае кој од кандидатите за државен обвинител нема да биде избран! Инаку би требало нели сите кандидати да имаат еднакви шанси согласно процедурите и одлуката на Советот на обвинители? Врз основа на кои аргументи премиерот го знае ова кога тој и Владата како колективен орган би требало да се раководат врз основа на други критериуми и принципи, а не околу тоа кој им е по ќеиф а кој не е?? Тоа така не се прави во демократска и правна држава, па дури и да мисли така, а знаеме дека мисли, но сепак, тоа така не се прави!! Требало подобро да го советуваат неговите “стафери“ ако има воопшто некој таму кој може добро да го советува. Пред некој ден исто така портпаролот на владата во една дебата се “истрча“ некако и ни соопшти дека го знае исходот на незавршени и неправосилни судски постапки?? Мислам дека и таа (портпаролка) како да не знае и не разбира за тежината на тоа што го изјави? Инаку секако тежината на нејзиниот настап е помала од онаа на премиерот иако забележав дека таа нема продлабочени знаење од ништо, освен што е вешта во зборување, сепак тоа не ја амнестира од тежината на искажаните зборови!!
Почитувани, клучниот аргумент во демократијата е аргументот на процедурата и нејзино почитување што овие “суверенисти“ не го разбираат се уште!! А како да разберат кога сакаат да “поклопат се“ и да “контролираат се“ во државата. Пред нашите очи веќе почна да се спроведува и последното поглавје на оваа брутална партизација на сите нивоа во државата, дојде на ред и македонското правосудство!! Да, токму така, гледате што се случува насекаде околу нас, партизација на Уставниот суд, на Републичкиот судски совет, на Јавното обвинителство, еве сега и изборот на Државниот јавен обвинител за кој и врапчињата веќе зборуваат кој ќе биде избран??
Но што ни донесе оваа партизација го гледаме тоа деновиве од приложеното?? Имено, бегалец од правдата повеќе од една година, со определен ефективен притвор, по барање на обвинителството добива мерка куќен притвор!! Демек ќе се “тресела“ сега опозицијата од страв што ќе кажел Артан, тоа бил правниот аргумент, така ги маткаат луѓето за да го ублажат ова негодување кај народот!! Ова не се случило до сега во историјата на македонското правосудство а мислам дека и нема да се случи никаде на друго место?? Со право македонската јавност е вознемирена и гневна!! Па замислете МВР и АНБ не можат да ја гарантираат безбедноста во нашите притворски одделенија како да сме во Мексико, среде нарко-картелите, па постои опасност за притворените лица?? До сега во таа иста институција во притвор биле многу поранешни функционери па за никој од нив до сега државата не се изјаснила дека не може да им ја гарантира безбедноста?? На крајот на краиштата ако е тоа навистина така, треба првите луѓе на овие институции да си поднесат оставки веднаш!!! Ама ги нема никаде да кажат нешто!! Сега да не ве чуди ако излезат на прес-конференција и да ни кажат дека поранешниот премиер Зоран Заев му одредил куќен притвор на Артан Груби, може и тоа да се случи после сите небулози кои сме ги слушнале, како онаа дека нашиот амбасадор во Р.Србија го избрал македонскиот почесен конзул?? Па замислете тоа беше официјално соопштение во медиумите на владејачката партија!! Се поаѓа од становиште дека народот не знае многу и се може да му се “продаде“. Инаку амбасадорот не именува конзули, ниту генерални, ниту почесни, туку тоа го прави владата, треба само да се прочита законот, толку за тоа!! Едноставно “заглупувањето“ на нацијата продолжува на големо и за жал има се уште голем број на поддржувачи и консументи на тоа, иако се помалку и помалку!! Никој до сега не ја третирал Македонската нација на ваков начин!!!
Но како што напишав на почетокот на овој текст, што правиме ние сето ова време додека чекаме да се распадне ЕУ??
Ништо!!
Каква политика водиме, кој проблем го решивме?? Ако продолжиме со оваа политика на правење “ништо“ и плачење по правда што не постои, ние пред време ќе се “распаднеме“!!! ЕУ нема да се распадне никогаш, па ни тогаш!! Нека престанат да ги манипулираат луѓето со некакви измислени “распади“, со некаква “мекотелна политика“, со зборови и кованици кои не значат ништо!! Нема скратени патишта до ЕУ преку некакви интеграции без право на глас, членки од втор или трет ред!! Нашите обврски околу уставните измени во секоја опција остануваат на маса и да не се лажеме повеќе и да губиме време!! Нашиот народ сака подобар живот и подобар стандард, полека ама сигурно ќе престане веќе да прифаќа да биде “најмизерната“ нација во Европа!! Можеби суверенистите ќе се разочараат но сите анализи на влијателни организации и медиумски куќи во Европа и САД се согласни во тоа дека ЕУ се повеќе се обединува и хомогенизира поради оваа новонастаната ситуација во врска со администрацијата на Трамп. Ова “новото нормално“ кое некој сакаше да ни го наметне, некој измислен “нов светски поредок“ полека ќе почне да бледнее и да се руши веќе од наредната година со почетокот на изборите за Конгресот во САД. Од тогаш па натаму ќе почне постепено да се нормализира веќе светската политика, такви се прогнозите на многу влијателни луѓе во светот. Може да се случи (најверојатно) и Орбан во Унгарија да падне од власт на изборите во април, уфф, тешки денови може да дојдат за нашиве суверенисти во обид?? Но има тука и една добра работа ако се случи тоа во Унгарија, бар ќе заштедиме на владиниот авион со летовите до Будимпешта!!!
П.С. Пред десетина дена актуелен настан беше онаа мала вербална препирка меѓу Заменик-генералниот секретар на НАТО Радмила Шеќеринска и претседателот на Р.Србија, Александар Вучиќ! Што мислите Македонците на чија страна беа на социјалните мрежи?? Убедливо во овој дуел победи Александар Вучиќ со голема поддршка на Македонците!! Така бар велат оние прецизни аналитичари од социјалните мрежи!! Тоа е брат, со право не викаат “Стара Србија“!!






