Тажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои

Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на 14 март 2024 година, на Универзитетот ,,Скопје’’, учествуваше на форумот со наслов ,,Како да го заштитиме македонскиот идентитет’’ со свое излагање, кое го пренесуваме во целост.

Почитуван ректоре, почитувани учесници, професори, студенти, гости,

Денес во таканареченото постмодерно општество, во кое царува релативизирањето на секоја вистина, на силен удар се најважните човекови идентитети.

Така на пример сведоци сме дека промовираната идеја за непостоење на идентитети ја негира вистинитоста дури и на најелементарните биолошки категории.

Многумина гласно извикуваат: секој има апсолутно право и потполна слобода да го дефинира својот родов идентитет и тоа да го прави произволен број пати, оти родот според нив е неконстантен, променлив, или како што велат со терминологија преземена од јазикот од којшто произлегуваат таквите тези и идеи: флуиден. Кај нас силината на рушењето на биолошкиот идентитет сè уште не го достигнала интензитетот којшто таа го има во развиените прозападни општества, и иако одредени структури се обидуваат и кај нас да вметнат разно-разни закон-проекти, во тој правец, како што беше изминатата година, сепак, токму благодарение на црквата, и на верниот народ, и на нашето гласно „не“, запечатено со голем сенароден собир пред соборниот храм, таквите предлози стивнаа, веројатно пред повторно да се разбрануваат во блиско време, како што некои најавија.

Но, во моментов најсилен удар во поглед на идентитетските прашања, којшто му се задава на македонецот, е идејата за непостоење на историски македонски корен, што ќе рече, за непостоење на македонски национален идентитет. Да ни го негираат правото на постоење и да ни ги одземаат историјата и културата, одамна сме научени, и како народ, и како црква. Оттаму, во таа смисла нема ништо ново под сонцево, но она што е нов елемент и што е далеку позастрашувачко е тоа што во последниов период ние не само што бидуваме негирани однадвор, туку и самите се самонегираме, самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет. Една народна мудрост вели „тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште многу пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чијашто улога е да ги заштитува паствата од волците“. И тажно беше кога однадвор други нè негираа, застапувајќи ги своите интереси. Но, неспоредливо потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои.

Во еден извонреден текст, нашиот лингвист, синолог и класичар, Игор Радев говори за индискиот феномен на покорност кон колонијалистите, односно за таканаречените кафеави сахиби. Терминот „сахиби“ којшто е од арапско потекло и значи „стопан“, бил термин со кој британските владеачи барале така да бидат ословувани од домородното индиско население. Измачениот, пак, индиски народ, тоа морал да го прифати. Но, наскоро започнала чудна појава помеѓу оние Индијци кои што соработувале со Британците властодршци, како вработени во пониските административни служби. Имено, дел од нив започнале да се срамат од својата индиска култура и својот јазик, и да се облекуваат и однесуваат како нивните стопани. Предавството на својата култура и на своето минато, одело дури до таму што истите престанале да говорат на својот мајчин, индиски јазик, користејќи го притоа, само англискиот. Тогаш, домољубивите Индијци, гледајќи го угодувачкиот однос на тие свои сонародници, го исковале терминот „кафеави сахиби“, како понижувачки термин за домородно население кое слепо заштитува туѓи интереси, туѓа историја и туѓа култура, сето тоа на свесна штета на своето.

Затоа ќе се осмелам да кажам дека со антимакедонските постапки на некои Македонци, и ние помеѓу нас имаме свои „кафеави сахиби“ и оволчени шарпланинци, кои сеедно дали за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени и волни да отстапуваат од македонската историја, од македонскиот јазик, од македонското име и од сè што е наше, македонско.

Главните идеолози на таквите обиди, вистинските сахиби на коишто нашите им слугуваат, веројатно мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти, па само повлечи една, и целата ќе се сруши. Мислам дека се прелажале. Нашиот народ не е само обична кула од карти, туку е вистински пиреј. А пирејот, пак, како што вели и нашиот голем писател Петре М. Андреевски во истоимениот роман, е троскотна трева, колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи и ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

Почитувани, црквата не е од светот, и нејзината прва и главна задача не е да го брани она што е од светот, туку да ја обзнанува вистината за Бога и да нè приведува кон Него. Но, иако таа не е од светот, црквата сепак е во светот, и бидувајќи во светот, таа го возвестува христијанскиот етос на различни народи, на различни места, на различни јазици. Затоа во православието црквите се помесни и секоја води особена грижа за местото коешто Бог ѝ го дарил и за народот којшто ѝ го поверил. Црквата е наднационална, надетничка, наднародна, но му служи на конкретен народ, обидувајќи се да го престори во Божји народ, во царско свештенство, и да го воведе во благодарно заедничарење со Бога.

Оттаму ние, како Македонска Православна Црква, на која ѝ припаѓа и со која што верски се идентификува најголемиот дел од македонскиот народ, нашето домољубие и родољубие го изведуваме како природна последица од нашето Богољубие и црквољубие. Имено, љубејќи го Бога и служејќи ѝ на сеправославната црква, ние го љубиме народот на кого му проповедаме, и си ја љубиме татковината во чијашто територија векуваат нашите велелепни цркви и манастири. И затоа знаеме дека единствено со одржување на нашиот христијански идентитет ќе успееме да го сочуваме и нашиот македонски идентитет. Идентитетот од латинскиот збор „идентитас“ на црковнословенски „тождественост“, етимолошки значи „истост“, „еднаквост“. Па само ако останеме вкоренети во нашата вековна вера во Христа, само ако Него и Неговите светии се обидуваме да ги подражавме, односно да бидеме исти, идентични со нив, само тогаш би опстоиле и во задржувањето на нашиот национален идентитет.

Уште Стариот Завет нè учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки. И ако ја почитуваме таа заповест, во нејзината возвишена целост, тогаш треба да ги почитуваме и нашите татковци, мајки и прадедовци, прабаби, по род, коишто се вложија и се вградија во делото на градењето на нашата култура и историја, на нашата црква и држава.

Десетте божји заповеди, уште нè учат и да не крадеме и да не убиваме. Ако не крадеме, тогаш не смееме да им го украдеме на нашите предци сиот нивен труд вложен за опстој и преуспевање на нашиот народ. Ако не убиваме, тогаш не смееме да ги убиваме нашите историја и иднината на нашата татковина, и на поколенијата по нас. Но, за христијанинот надежта никогаш не умира, ние знаеме дека само малку квасец прави тестото да нарасне. И тој квасец е Христос кој се даде себеси за секој што верува во Него да не погине, туку да има живот, и тоа живот во изобилие. Затоа, доколку и останаме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа, тогаш како една од последиците на животот во телото на Црквата, ќе градиме и општество на здрави луѓе коишто ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ. Така, меѓу нас не ќе има веќе „кафеави сахиби“ и „оволчени шарпланинци“, туку личности коишто почитувајќи ги туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите.

За оние коишто тоа досега го правеле, го просиме Бога да им прости оти не знаат што прават. Сите ние, пак, да паметиме дека наш предок му се има јавено уште на светиот апостол Павле, молејќи го да дојде во Македонија и да му помогне на македонскиот народ, ширејќи го Благовестието. Па да бидеме подобни и ние на овој наш предок, по чиј повик Евангелието дошло за првпат во Македонија. Да ги молиме Божјите светии и натаму да ни помагаат, доаѓајќи ни на молитвено застапништво. Со самото тоа одржувајќи го нашиот христијански идентитет, ќе го зачуваме и нашиот македонски, библиски, културен, јазичен и историски идентитет. И да се чуваме едни со други и да ја чуваме Македонија. Колку повеќе се чуваме, толку повеќе и Бог ќе нè чува, оти Тој особено им помага на оние што и самите си помагаат. Да си помагаме, за така да биде.

извор liturgija mk

Back to top button
Close