Технички сè е можно, вели Грлиќ Радман за тоа дали има шанси да се крене ветото од Бугарија следната недела

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман вели дека е премногу важно Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и ова прашање да се најде на агендата на Самитот на Унијата на 23 и 24 јуни.

На прашањето дали со оглед дека Самитот е наредната недела има воопшто шанси да се промени ситуацијата и да се подигне ветото, Грлиќ Радман вели дека технички се е можно.

„Зборувам за тоа колку е премногу важно ова прашање повторно да се најде на агенда. Мислам дека технички се е можно, тоа е за недела дена. Јас и во изјавата најавив дека очекуваме и се надеваме на свикување на првата меѓувладина конференција. Мислам дека тука е многу важно и француското претседателство, но и влијанието на водечките земји во ЕУ кои исто така се за безбедноста и афирмацијата на европските вредности“ рече Грлиќ Радман на заедничка прес-конференција со министерот Бујар Османи во Скопје.

Отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија, според него, ќе биде добар не само политички туку и психолошки важен момент за граѓаните бидејќи веќе 17 години чекаат тоа да се случи.

„Северна Македонија направи сè што треба, на крајот го промени и името, спроведе големи реформи, граѓаните се покажаа дека се проевропски. Мислам дека со отворање на пристапните преговори треба да охрабриме да се отвори ново поглавје на европската перспектива. Тоа е пресудно и посебно важно“ рече хрватскиот министер.

Тој кажа дека отворањето на преговорите е подеднакво важно и за Хрватска и за ЕУ бидејќи тоа е важно за безбедноста, иднината и просперитетот.

„Почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија не се во интерес само на вашата држава туку и во интерес на целата ЕУ. Овде мора да ја имаме широката слика, да имаме поширок контекст на случување. Ние мислиме дека ЕУ треба да биде посилна и поприсутна во земјите од Западен Балкан и јас како министер на Советот за надворешни работи секогаш ја истакнував важноста за посилно присуство на Западен Балкан. Тоа е од круцијално значење за безбедноста, иднината и просперитетот“, рече Грлиќ Радман.

Кога зборуваме за безбедноста, додаде тој, тогаш зборуваме и за превенција од влијание од трети земји и од можно прелевање односно домино ефект на конфликтот што го гледаме денеска во Украина.

Back to top button
Close