Текст за денешниот празник
Почитувани читатели, 28 август е денот кога , ние христијаните од православна вероисповед, го чествуваме големиот празник ,,Успение на Пресвета Богородица”.
Се чувствувам празнично, пресвето и хумано, како секој вистински, македонски и православен христијанин.
Стасав на утринската литургија. Ме восхити присуството на огромна маса верници, за коишто овој празник е симбол на мајчинството, на мајката Богородица во нашите души, на љубовта кон Пресветата пресликана преку нашата вера.
Токму таа восхит и љубовта кон верата и својот народ, ме поттикнаа целосно да го возобновам овој свет храм, почнувајќи од неговите свети темели. Многу верници ме препознаа. На нивните лица, преку изговорените благотворни зборови, ја почувствував сета сила на својот народ. Искажаната благодарноста ја видов и во нивните очи, неми како храмот, но говорливи како иконите. Мојот хуман чин постојано ме потсетува дека дарувањето е највозвишената човечка доблест. За многу мои дела , сограѓаните ми искажуваат благодарност, каде и да ме видат, препознаат и ја почувствуваат мојата великодушност.
Роден сум и израснат во христијанско семејство. Библијата не ни била само света книга туку и симбол на нашето воспитување. Израснат со топла родителска љубов и со мојата покојна тетка Катерина-Тинка, од Гевгелија која уште повеќе ми ја всади љубовта во нашата вера, да секогаш се чувствувам како верник. На само 6 години, со мојата тетка Тинка ја почувствував љубовта кон нашето православно наследство. На празникот Свети Илија, во тие дамнешни времиња, пешачевме од Гевгелија до селото Давидово, чиј рид е облагороден со импозантниот манастир Свети Илија. Преспавме на подот од манастирот, на земја послана со рогозини и ќебиња. Ноќта, на овој голем ден, сонував нешто што трајно ќе ми се вреже во сеќавањата. На сон ми се отвори небото како еден мал квадрат. Видов маса со три столици. За мојата покојна тетка Тинка ова беше знак од Господа. Таа го толкуваше на свој начин. Моите преминати тетка Тинка и прекрасниот ѝ сопруг, тетин Кочо, немаа деца и ме сакаа и чувствуваа како нивно дете. За нивната љубов ќе посведочам со две случки. Првата беше кога прв пат се напив кафе. Тетка Тинка, во тоа време беше позната во целиот гевгелиски реон, како добра гледачка во талогот од кафето кој го шара филџанот по испиеното кафе. Откако го испив кафето, го преврте филџанот на тацна. Запаметив само дека ми кажа: ,,Пуне ти ки бидиш гулем чувек”. Се насмеав на нејзините зборови. Тоа беше единственото кафе на кое дозволив да ми гледа, но ми влеа некаква сила, дека покрај тоа што секое утро јадев попара од планински чај, доручек за сиромашните, може да се стане голем човек ако правиш големи дела и за другите. Убеден бев дека нејзините зборови беа искажани со љубов. Мојот тетин Кочо, првиот и тогаш единствен весникар во Гевгелија, продаваше весници од сите бивши југословенски издавачи. Беше пречесен човек. После катастрофалниот земјотрес во Скопје учев гимназија во Гевгелија. На сите родителски состаноци, тетин Кочо доаѓаше пред време и седеше во првата клупа. Се чувствуваше како горд родител. После секој родителски состанок одеше во кафеана, малце потпивнат ќе се вратеше дома и од врата ќе викнеше: ,,Тинка нашто дете е одлично”. Истиот момент, тетка Тинка ќе му простеше за чашката ракија, бидејќи радоста за мене ѝ беше побитна.
Почитувани читатели, сеќавањата од детството за моите покојни тетка Тинка и тетин Кочо се со трајни белези во мене. Ми ја развија љубовта кон човештвото и кон нашата православна христијанска вера.
Денес, во црквата Пресвета Богородица, немаше човек кои не ме препозна и не ми се заблагодари за великодушноста. Уште повеќе се почувствував горд кога ме препознаа најобичните питачи собрани околу црквата. Само да појаснам, дека питачите околу црквите се симбол на еден сѐ уште недоволно организиран хуман живот. Овие луѓе немаат ништо заедничко со питачите кои ги среќаваме на семафорите низ Скопје. Горд сум што заштитничката на нашето Скопје е токму оваа црква.
Почитувани читатели, сакам да го разберам нашето секојдневие. Граѓаните, поточно народот ме почитува и вреднува за моите дела направени во нашата Македонија. Државниот систем, контролиран од политичките партии, не сака да го види тоа што го гледа народот и ги затвора сите порти на правдата за која се борам да го докажам криминалниот стечај на Еуростандард банка. Се прашувам и на ваков свет ден и верски празник, а ве прашувам и вас почитувани сограѓани, до кога ќе трпиме неправди. Да, христијански е кој тебе со камен, ти него со погача, но се претера со каменувањето на светата правда.
Будењето на свеста е наша света мисија, наша религија која ќе нѐ спаси од уништувањето на татковината.