Телефонски разговор Макрон-Путин по речиси три години
– Францускиот претседател Емануел Макрон го повика рускиот претседател Владимир Путин на „итен“ прекин на огнот во Украина за време на нивниот прв телефонски разговор од септември 2022 година, соопшти денеска Елисејската палата.
За време на двочасовниот разговор, Макрон инсистирал на започнување суштински преговори за ставање крај на конфликтот, соопшти француското претседателство. Макрон ја нагласил „непоколебливата поддршка на Франција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и повикал на „прекин на огнот што е можно поскоро, проследен со преговори меѓу Украина и Русија за одржливо и трајно решение на конфликтот“, се вели во соопштението на Елисејската палата.
Од друга страна, Кремљ соопшти дека Путин пред Макрон ја истакнал потребата секое мировно решение за Украина да биде „сеопфатно и долгорочно, да ги елиминира причините за украинската криза и да се заснова на новите територијални реалности“.
Путин, кој претходно изјавувал дека Украина треба да го прифати руското анектирање на делови од нејзината територија, додал дека конфликтот е „директна последица од политиката на западните земји“.
Според Кремљ, Западот „со години ги игнорирал безбедносните интереси на Русија“ и „создавал антируски бастион во Украина“.
Што се однесува на Блискиот исток, Макрон нагласил дека Иран треба да ги исполни обврските од Договорот за неширење на нуклеарно оружје на ОН и целосно да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Францускиот претседател изразил решителност да бара дипломатско решение за иранското нуклеарно прашање, како и за иранските ракети и улогата на Иран во регионот, соопшти Елисејската палата.
Кремљ, пак, објави дека Путин рекол оти Иран има „право“ да развива нуклеарна програма.
Според Елисејската палата, двајцата лидери се договориле да ги координираат своите активности и наскоро повторно да разговараат.
Макрон одржуваше телефонски контакти со Путин и по почетокот на руската инвазија во Украина во февруари 2022 година, но по септември истата година комуникацијата беше прекината.
Кремљ истакна дека разговорот меѓу Путин и Макрон бил „содржаен“ и опфатил теми како иранско-израелскиот конфликт и ситуацијата во Украина.