Телефонски разговор Османи – Шмид: Северна Македoнија е подготвена да придонесе за деескалација на ситуацијата во Украина

Во светло на најновиот развој на настаните во и околу Украина, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, оствари телефонски разговор со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит.

Во таа прилика, министерот Османи изрази сериозна загриженост за влошената безбедносна состојба во источниот дел на Украина, која уследи по признавањето на независноста на регионите Луганск и Доњецк од страна на Русија. Воедно, ја реафирмираше нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и повика на доследно почитување на меѓународното право и неповредливоста на границите.

Дополнително, министерот Османи како член на триото претседавачи, потенцираше дека Северна Македонија активно ќе учествува во процесите за деескалација и изнаоѓање на дипломатско решение преку суштествен дијалог меѓу инволвираните страни.

Воедно, Министерот изрази поддршка на Специјалната Мониторинг Мисија на ОБСЕ во Украина, и ја истакна подготвеноста од наша страна за дополнителен ангажман во функција на намалување на тензиите.

На крајот од разговорот, соговорниците се согласија дека дијалогот и дипломатските напори немаат алтернатива во смирување и деескалација на ситуацијата.

Back to top button
Close