Телефонски разговор Вучиќ-Лавров за билатералните односи, Косово и БиХ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров за состојбата во Косово и во Босна и Херцеговина, како и за зајакнување на економската соработка меѓу Белград и Москва.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ напиша дека со шефот на руската дипломатија пред сè разговарале за политичката ситуација во регионот и за кризата предизвикана од, како што наведе, „постојаните напади врз Република Српска однадвор“.

Тој го информирал Лавров и за состојбата во Косово и за, како што рече, обидите за постојано протерување на Србите од нивните вековни огништа, како и за молкот на голем дел од меѓународната заедница.

Според Вучиќ, во „долг и срдачен разговор“ се разгледувале и билатералните односи, а било договорено продолжување на економската соработка и учество во заеднички проекти.

„Анализиравме и политички прашања, со желба да ја унапредиме комуникацијата и соработката во меѓународни форуми и институции“, додаде српскиот претседател. ссм/

фото: Инстаграм профил на претседателот на Србија

Back to top button
Close