Телма: Даравелски барал помилување во 2009 г., а Кривичен и Апелација му поверуваа дека сега дознал за пресудата

Телевизијата добила потврда од кабинетот на претседателот на државата дека Даравелски барал помилување во 2009 година од тогашниот претседател Бранко Црвенковски

Основниот кривичен суд Скопје, како и Апелацискиот суд, пак, му дозволија на Даравелски да добие ново судење повикувајќи се на законската одредба дека од моментот кога тој дознал за пресудата до моментот кога го поднесе барањето (11 јануари 2023) не поминале повеќе од една година

Поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски уште во 2009 година барал помилување од тогашниот претседател Бранко Црвенковски за правосилната седумгодишна затворска казна, објави телевизијата Телма.

Барањето за аболиција било поднесено од него до Црвенковски само неколку дена пред завршувањето на мандатот, за што телевизијата добила потврда и од претседателскиот кабинет. Барањето, тогаш, Црвенковски експресно го одбил.

„Во евиденцијата на Кабинетот има примено барање за помилување од Драган Даравелски и одговор од 4 мај 2009 година“велат за ТВ Телма од претседателскиот кабинет.

Основниот кривичен суд Скопје, како и Апелацискиот суд, пак, му дозволија на Даравелски да добие ново судење повикувајќи се на законската одредба дека од моментот кога тој дознал за пресудата до моментот кога го поднесе барањето (11 јануари 2023) не поминале повеќе од една година. Со други зборови, тоа би значело дека ексдиректорот на Царина дознал за пресудата во периодот од јануари 2022 до јануари 2023.

„Во конкретниот случај, советот го ценел член 3 став 2 од Втор дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од член 424 став 1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство“соопштија од Кривичен пред три дена кога ја објавија дека дозволиле Даравелски да добие ново судење.

На одлуката на Кривичен се жалеше скопското обвинителство, но Апелација ја одби жалбата и во целост го потврди решението на првостепениот суд за ново судење.

Извесно е дека новото судење за поранешниот директор на Царинската управа ќе значи и слобода за него, со оглед дека за делото злоупотреба за службената положба и овластувања настапила апсолутна застареност.

Тој се гонеше дека делото го сторил во периодот од 1999 до 2002 година, а му се судеше во отсуство со оглед дека избега во Србија каде што помина околу две децении.

Двапати беше приведуван од српските власти врз основа на потерница распишана од македонските судови, но никогаш не беше испорачан. Државата, во меѓувреме, во четири наврати бараше и екстрадиција, но залудно.

Даравелски им стана достапен на домашните органи на прогонот кога на 10 јануари годинава сам се појави на граничниот премин „Табановце“, каде што веднаш беше приведен и префрлен во затворот „Идризово“. Веќе наредниот ден поднесе барање, а откако му беше одобрено по 35 дена поминати во ќелија излезе на слобода од каде што ќе го чека новото судење.

Back to top button
Close