Телма: Откако понуди над 7 милиони евра кауција, обвинителството одобрува укинување на активниот притвор на Мијалков

Судот денеска одлучува дали Сашо Мијалков ќе излезе од притвор. Тој добил позитивно мислење од Обвинителството за гонење на Организиран криминал и корупција на барањето за излегување од притвор, пренесе Телма.

Адвокатите на Мијалков тврдат дека со барањето за ослободување е поднесена гаранција во недвижности со вредност од над 7 милиони евра. Кауцијата ќе биде запленета од државата доколку Мијалков избега.

Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23-ти февруари кога по неколкудневно мистериозно исчезнување се појави пред обвинителството да го подигне решението за притвор. Претходно по информации на обвинителката Вилма Русковска за можно бегство на Мијалков, судот му определи домашен притвор, но полицијата не успеа да го најде на домашна адреса. Додека е во притвор за Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот со нелегалното прислушување „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот Трезор и нелегална набавка на софтвер за следење електронски комуникации.

Back to top button
Close