Телото на ајатолахот најдено под урнатините? – Ајатолахот командува на терен, тврди Иран
Висок израелски функционер за Reuters потврдил дека телото на Хамнеи е пронајдено во урнатините. Тегеран засега нема официјална реакција. Пред неколку часа иранскиот МНР тврдеше дека е жив.

Доколку се потврди, тоа би бил историски момент за Блискиот Исток. Израелски функционери тврдат дека врховниот ајатолах Али Хамнеи е мртов и дека неговото тело е пронајдено во урнатините. Иран, засега, молчи.
Што тврдат Израелците
Висок израелски функционер изјавил за агенцијата Reuters дека Хамнеи е мртов и дека телото е пронајдено. Израелскиот Канал 12 пренесе дека на премиерот Нетанјаху наводно му е предочена документација за телото. Самиот Нетанјаху претходно изјавил дека „постојат многу знаци дека ајатолахот повеќе не е жив”.
Иран порано тврдеше поинаку
Пред неколку часа иранскиот МНР соопшти дека „сите се живи и здрави”, а министерот за надворешни работи Арагчи за NBC изјавил дека Хамнеи е жив „колку што знае”. Порано денес Reuters пренесе дека ајатолахот бил евакуиран пред почетокот на нападите и префрлен на безбедна локација надвор од Техеран.
Резиденцијата и канцелариите на Хамнеи биле меѓу главните цели на американско-израелскиот напад кој започна во сабота наутро. Агенцијата Тасним претходно соопшти дека седум ракети го погодиле комплексот. Сателитски снимки покажаа дека резиденцијата е целосно уништена
„Можам да ве уверам дека лидерот на револуцијата е стабилен и цврсто командува на терен“, изјави извор од иранските државни медиуми блиску до канцеларијата на Хамнеи.
„Непријателот прибегнува кон ментална војна, сите треба да бидат свесни за тоа“, додаде шефот за односи со јавноста во канцеларијата на иранскиот врховен лидер.
Претходно портпаролот на Израелските одбрамбени сили (IDF) изјави дека, „одреден број од највисоките ирански лидери“, вклучувајќи го и командантот на Револуционарната гарда, биле „цел“ на заедничките американско-израелски напади. објави Скопје1.мк






