Темата „промена на грбот“ е вовед во дополнување на Уставот согласно Преговарачката рамка.
Тоа е основната причина зошто треба да се поддржи. Но не и единствена
На 20 февруари 2023 низ Движењето за нова република предложив(ме): „Додека низ маратонски собраниски дебати сите бегаат од Преамбулата, да најдеме нулта точка на консензус. На пр. со донесување нов грб“.
Притоа посочив(ме) дека (парафразирано) потенцијално решение е грбот утврден на седница на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а СДСМ тогаш немаше забелешка. Целиот текст е достапен и на социјалните мрежи и на нашата веб-страна.
Актуелниот советник на премиерот, професорот Спасеновски исто така објави слична иницијатива на социјалните мрежи. Партиите, очекувано, го премолчаа прашањето.
Бидејќи политиката е прашање и на конзистентност – и денес останувам(e) на кажаното: промената на социјалистичкиот грб на Северна Македонија е точката на постигнување 2/3 мнозинство во Собранието за прашањата по кои општеството има консензус, а традиционалните партии се уште немаат храброст да го признаат.
Или обратно – Противењето на иницијативата за промена на државниот грб треба да им обезбеди на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ алиби за саботирање на дополнувањето на Преамбулата и откочување на преговорите со ЕУ.
Бидејќи мнозинството за уставните промени се тестира преку „2/3 мнозинство за промена на грбот“, обидот за стекнување дневни партиски поени преку:
– директно спротивставување на промената на социјалистичкиот грб на Северна Македонија од СДСМ (како наследник на СКМ)… или
– лицитирањето со „графички решенија“ од ЛДП кои ја подриваат историската поврзаност на Македонците и Албанците со лавот како хералдичко решение…
…е „музика за ушите“ на ВМРО-ДПМНЕ, кое пред дипломатите ќе добие „оправдување“ зошто не може да дојде до 2/3 мнозинство за уставни промени согласно Преговарачката рамка.
И на ВЛЕН, кои добиваат алиби „да не притискаат“ за уставни промени во ова и вакво владино мнозинство.
Со промислен пристап може да се решат „комплексните“ уставни прашања кои ја потврдуваат нацијата на Северна Македонија во која Македонците низ гарантирање на рамноправноста на сите го означуваат (и) својот државотворен капацитет.
Со таков пристап, покрај деидеологизиран државен грб со кој се идентификуваат и Македонците и немакедонците како дел од нашата национална и етничка историја, блиску сме и до:
– Химна со која се идентификуваат сите;
– Уставно пропишување на службената употреба и на албанскиот, а не „јазикот што го говорат најмалку 20%…“ Ако сме доследни на враќањето на стекнатите права, тука е прашањето и на службената употреба на турскиот, согласно амандманите од 1971;
– Дополнување на Преамбулата со што се деблокираат преговорите за членство во ЕУ.
За поширок консензус по горните прашања, мора да пристапиме национално-политички, а не дневно-партиски.
И само така оваа тема нема да заврши како уште една „јадица“ на провладиниот Пи-аР за одвлекување на вниманието од суштинските прашања и владините потфрлувања.
Сега за сега – парламентарната опозиција ја „лапна јадицата“ позиционирајќи се – токму според очекувањата на „Белата палата“. Или во договор со „Белата палата“? Сеедно.