Темата со Груевски е затворена – ниту еден човек не е над ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски

 

ВМРО-ДПМНЕ е организација која ги обединува луѓето не поради личност, туку поради идеја и не постои ниту еден човек што може да биде над таа идеја. Ова денеска го кажа лидерот на партијата прашан дали по неодамнешниот судир со неговиот претходник очекува Никола Груевски да влијае и да ја ослабне позицијата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори.
„Луѓето се обединуваат околу ВМРО-ДПМНЕ затоа што веруваат во идејата којашто пред повеќе од 130 години започна да се создава во еден град кој е на неколку стотина километри од ова место. И таа идеја нè обединува и таа идеја нè држи во ВМРО-ДПМНЕ со децении, со години итн. Ниту еден политичар и ниту еден човек не може да биде над таа идеја, а јас сум убеден дека граѓаните во Македонија денеска ќе се обединат во така голем број околу таа идеја што победата ќе биде толку многу голема што ќе создаде за сите нас кои потоа треба да ја предводиме таа и идеја и што денеска ја предводиме, голема одговорност“,

рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Лозово во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Тој додаде дека сега исклучиво е концентриран на денот по победата на изборите, а темата со Груевски ја затворил.

„Сè што имав да кажам поврзано со Никола Груевски кажав, ја затворив таа тема и немам намера повеќе да се враќам. Да се фокусираме на идејата и на иднината на нашата Македонија“,рече Мицкоски
На дополнувањето на прашањето на новинарката во однос на влијанието на Груевски, перципирано во јавноста преку донесувањето на измените на Кривичниот законик и иницијативата што беше поднесена до Врховниот суд во врска со аболицијата на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, Мицкоски рече дека според неговите информации обидите за влијание врз Врховниот суд доаѓаат од „домашни политички елити“.

„Моите информации велат дека други домашни политички елити прават обиди за влијание врз Врховниот суд и треба отворено да ги кажуваме работите дека тие се обидуваат да влијаат на судиите кои што се дел од Врховниот суд да ја сменат својата одлука еднаш донесена за еден ист таков предмет, а тоа е одлуката во која врховните судии дадоа негативно мислење за аболицијата донесена од поранешниот претседател Ѓорге Иванов. И на тој начин тие ценат дека поединци опфатени со таа аболиција да бидат амнестирани во пакет со Кривичниот законик, со некои други гимнастики и на тој начин ќе направат некаков проблем во Македонија и ќе предизвикаат некаква криза“,рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Надоврзувајќи се во таа насока, тој рече дека застанува зад изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дадена вчера.

„Јас можам само едно да кажам, а тоа е да застанам заедно зад изјавата на амбасадорот на Соединетите Американски Држави дадена вчера дека конечно политичарите и останати влијателни поединци, бизнис или било какви други треба да ги тргнат рацете од судството и обвинителството. Еднаш засекогаш оној епитет октроирано да го избришеме, да дозволиме обвинителите да работат согласно закон и устав, а судиите да судат согласно закон и устав. Јас ги охрабрувам овие судии да не подлегнуваат на било какви политички притисоци затоа што набргу од денеска доколку се случат вакви гимнастики и политички комбинаторики ќе има одговорност, не само професионална туку и кривична“,порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close