„Темплум“ го објави графичкиот роман „Плати па клати“ на Честер Браун

„Темплум“ го објави графичкиот роман „Плати па клати: мемоари на еден уживател на проституција во слики и зборови“ од канадскиот автор Честер Браун, кое е единаесетто издание во стрип-едицијата „Лифт“.

Се работи за доста дискутиран и прилично контроверзен графички роман од 2011-та, кој постигна забележителен критички и читателски успех, а бидејќи адресира важни прашања околу сексуалната работа, доби поддршка од претставници на движењето за правата на сексуалните работници.

-„Плати па клати“ е автобиографски стрип во кој Браун мошне емпатично и внимателно ги пренесува своите искуства од светот на проституцијата… Браун дава човечки лик на често оцрнуваниот и карикиран лик на клиентите во проституцијата. Тој пишува со искреност и сочувство кои ретко се гледаат при тематизирање на мажите кои плаќаат за секс…Браун ги документира своите средби со триесетина проститутки, од оние најнепријатните, чудни и тажнички средби, до оние најсимпатичните, топли и успешни,  соопшти „Темплум“ за новиот графички роман кој од англиски на македонски го преведе Ивана Галапчева.

Невообичаено за жанрот е што на крајот од книгата се поместени педесетина страници забелешки и полемичка дискусија во која авторот ги изложува своите аргументи за декриминализација и дестигматизација на сексуалната работа.

Честер Браун (1960) е современ канадски стрип автор и илустратор. Неговиот прв поголем успех во алтернативните стрип кругови беше во 1980-тите со надреалниот, скатолошки серијал „Ед, среќниот кловн“, кај нас објавен во продолженија во списанието за стрип „Лифт“ (1996-2001). Во раните 1990-ти Браун почна да прави исповедни автобиографски стрипови и во овој период ги објави „Плејбој“ (1992) и „Никогаш не си ми се допаѓал“ (1994). Неочекувано голем успех оствари во 2000-тите со историско-биографскиот графички роман „Луј Риел“ (2003).

Едицијата графички новели „Лифт“ на книгоиздателството „Темплум“ започна во 2017 година и ја  продолжува и осовременува традицијата на стрип-списанието „Лифт“ кое излегуваше од 1995 до 2001 година. Досега едицијата има 11 наслови од познати стрип-автори од светот.

Back to top button
Close