Тензична ситуација во градот Риза на протест против изборна конференција на АфД
Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) денеска одржува партиска конференција во арената во Риза, а пред халата се собрани демонстранти во знак на протест поради конференцијата, предизвикувајќи напати и тензична ситуацијата, во која има употреба на пиротехнички средства и обиди на демонстрантите да ги пробијат полициските бариери.
Германски „Билд“ пишува дека во овој источногермански град пристигнаа над 5.000 демонстранти за да го спречат одржувањето на конференцијата на АфД на која околу 600 делегати треба да ја усвојат изборната програма за изборите закажани за 23 февруари.
Демонстрантите, претежно дојдени од други градови, ги блокираа пристапните патишта до арената.
Полицијата употреби безбедносни мерки, вклучувајќи водени топови и хеликоптер, додека демонстрантите се обидуваа да ги пробијат бариерите и фрлаа петарди врз полицајците.
Во инциденти е повреден еден полицаец, а оштетени се и полициски автомобили и неколку возила на брза помош, што минаа со дупнати гуми и оштетувања на каросеријата.
Полицијата соопшти дека министерот за внатрешни работи на Саксонија, Армин Шустер (ЦДУ) утринава во полицискиот ситуациски центар во Дрезден бил информиран за ситуацијата во Риза, јави радио РСТ.
Радиото јавува дека полицијата и организаторите посочиле дека очекуваат повеќе од 10.000 луѓе на протестите.
Овој викенд во Германија се одржуваат состаноци на трите најсилни партии – Социјалдемократската партија, Христијанско-демократската унија и АфД.
АфД треба да одлучи за својата изборна програма на конференцијата и да ја именува лидерката Алис Вајдел за кандидат за канцелар. Засега оваа партија нема подготвена изборна програма за претстојните сојузни избори, но достапен е нацрт, кој меѓу другото вклучува и напуштање на ЕУ, напуштање на еврото и Париски климатски договор.