Тензии меѓу САД и Кина околу Јужното Кинеско Море

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска го оспори правото на Кина на локации во Јужното Кинеско Море, а Пекинг ја критикуваше неговата изјава велејќи дека тоа ги зголемува тензиите во регионот.

Помпео во соопштение истакна дека Кина нема законска основа за своите амбиции во Јужното Кинеско Море и оцени дека земјата со години употребува закани против други земји од Југоисточна Азија.

– Јасно даваме до знаење дека аспирациите на Кина за ресурси во Јужното Кинеско Море се незаконски, како што е незаконска и нивната кампања за насилна контрола врз тие локации, рече Помпео, додавајќи дека светот нема да му дозволи на Пекинг да го третира Јужното Кинеско Море како негово морско царство.

Пекинг ги оцени обвинувањата на Помпео како „целосно неоправдани“, потенцирајќи дека САД не ги почитуваат напорите на Кина и земјите од АСЕАН за мир и стабилност во таа област.

Кинеската Амбасада во Вашингтон ги повика САД да не заземаат страна околу прашањето за територијалниот суверенитет и да ги почитуваат напорите на регионалните земји за мир и стабилност во областа на Јужното Кинеско Море.

Кина тврди дека има право на одредени острови во Јужното Кинеско Море кои се предмет на спорови со другите земји од регионот, на што САД се противат, па затоа во регионот има чести инциденти меѓу воени бродови на двете земји.

Филипините, Виетнам, Малезија, Брунеи и Тајван исто така тврдат дека некои од стотиците гребени и мали острови во Јужното Кинеско Море им припаѓаат на нив, но од 2014 година, Пекинг ги засили тврдењата дека има право над сите острови, бетонирајќи гребени за изградба на воени аеродроми опремени со радари, проектили и авиони.

Back to top button
Close