Тензии меѓу Собранието и Уставниот суд

Собранискиот претседател, Африм Гаши му порача на првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски дека секоја институција треба да се грижи за сопствената работа, во контекст на спорот за роковите и „Безбеден град“.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, му порача на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, дека „секој треба да се грижи за институцијата што ја води“, реагирајќи на неговите критики дека законодавниот дом ги игнорира одлуките на Уставниот суд.

Тензиите меѓу Гаши и Костадиновски се зголемија откако Собраниетоги проби сите рокови за носење на измените на Кривичниот законик, како и по изјавата на Костадиновски дека нема потреба пораките од „Безбеден град“ да се испраќаат и на албански јазик. Гаши му возврати дека треба да биде внимателен кога дава ставови што ги засегаат меѓуетничките односи.

Гаши: Функционерите мора да внимаваат на изјавите

На брифинг со новинарите, Гаши истакна дека секој носител на јавна функција е должен да внимава на пораките што ги испраќа.

„Како политичар и раководител на една битна институција, како што е Собранието, се обидувам да не влегувам во конфликт со никоја друга институција или функционер. Секогаш повикувам на внимателност, особено во однос на меѓуетничките прашања, затоа што тие се фрагилни и се столб на стабилноста на државата“, рече тој.

Во однос на изјавата на Костадиновски дека Собранието е „уставно недисциплиниран орган“, Гаши нагласи дека законодавниот дом работи по Устав, закон и Деловник.

„И Уставниот суд и Собранието имаат јасно дефинирани надлежности. Секој треба да ја извршува својата работа на тој начин. Нормално дека постои простор за критика – тоа е дел од демократијата – но секој треба најпрво да се грижи за сопствената институција“, рече Гаши.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски,11.12.2024
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во подкастот „Каде се парите? изјави дека Собранието не постапувало по повеќе одлуки на СудотФотографија: Petr Stojanovski 

Процесот на донесување закони е комплексен

Гаши објасни дека Собранието постапува експедитивно, но дека донесувањето закони е сложена процедура што зависи и од други институции, пред сè од Владата.

„Закони како Кривичниот законик или Законот за електронски комуникации се обемни и бараат експертиза. Собранието не може да ги донесе предлог‑законите пред тие да пристигнат од Владата или од ресорните министерства. Кога ќе се види целата процедура, станува јасно дека работите не зависат само од Собранието“, додаде Гаши.

Костадиновски: Собранието ја игнорирало одлуката за Кривичниот законик

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во подкастот „Каде се парите?, изјави дека Собранието не постапувало по повеќе интерпретативни одлуки на Судот. Според него, законодавецот имал дури десет месеци рок за измените во Кривичниот законик, но тоа не било испочитувано.

„Му дадовме на Собранието три шанси. Првин беше Законот за електронски комуникации. Му одредивме рок, два до три месеца, но не ја почитуваа нашата одлука. Му дадовме рок за да не настанат несогледливи последици и за измените на Кривичниот законик – десет месеци! Тоа ли е однос спрема Уставниот суд? Така ли се однесува Собранието? Можеби е подобро од сега, барем за мене, да нема веќе интерпретативни одлуки. Сега како судија, кога ќе гласам или кога ќе давам предлози, јас би одел со одложен ефект за да нема веќе компромиси. Зошто тие покажаа непочитување кон Уставниот суд“, рече Костадиновски.

 

Back to top button
Close