Тензии во БиХ по неуспешниот обид за апсење на Додик

Припадниците на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) во средата се обидоа да го уапсат претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додикво Административниот центар на Владата на РС во Источно Сараево. Тие постапувале по наредба на Судот на Босна и Херцеговина, но наишле на отпор. На инспекторите на СИПА им се спротиставија припадници на Министерството за внатрешни работи на РС (МУП на РС). СИПА се задржа кратко и се повлече. Немаше употреба на сила или судир.

Портпаролката на СИПА, Јелена Миовчиќ, за ДВ потврди дека инспекторите се обиделе да го приведат Додик. „Службениците на СИПА вечерва беа во зградата на Владата на РС и се обидоа да ја спроведат наредбата на Судот на БиХ за лишување од слобода на претседателот на РС Милорад Додик за кривичното дело нарушување на уставниот поредок на БиХ. Беа извршени разговори со службеници на МУП на РС, но наредбата на Судот на БиХ не беше спроведена“, рече Јелена Миовчиќ.

Специјалните единици на МУП на РС ја опколија зградата на Владата

Откако полицијата на ентитетот го спречи приведувањето на Додик, медиумите објавија дека ситуацијата во источно Сараево поради зголеменото присуство на вооружени специјални сили од Министерството за внатрешни работи на РС станала тензична. Атмосферата во градот се опишува како состојба на опсада, а зголеменото присуство на специјалните сили дополнително ги зголеми тензиите.

Милорад Додик тврди дека СИПА сака да демонстрира моќ, но дека според него е немоќна. Тој наведува дека СИПА не може да работи на територијата на РС и дека тој се чувствува безбедно. Тој најави покренување постапка против оние кои, според него, ги прекршиле законите на РС и истакна дека институциите на РС ќе ги преземат сите мерки за заштита на уставниот поредок на ентитетот.

 

За сѐ што се случува Додик го обвинува Шмит

Додик изјави дека Кристијан Шмит ќе „одговара“ бидејќи, според него, лажно се претставува како висок претставник за БиХ. Тој истакна дека припадниците на полицијата на РС нема да се повлечат пред СИПА, Судот и Обвинителството на БиХ. Тој го нарече германскиот дипломат „фашист“ и му се закани со приведување. „Ова е според онаа стара турска поговорка „кадија тужи, кадија суди“, а на овој фашист Шмит ќе му покажеме како се приведува“, рече Додик.

Министерот за внатрешни работи на РС, Синиша Каран, изјави дека РС е стабилна и дека така ќе остане, а граѓаните се спокојни. „Мирот е приоритет во РС и МУП ќе продолжи да ги извршува своите должности во согласност со Уставот и законите на РС“, рече Каран. Тој порача дека Министерството за внатрешни работи на РС е „гарант на мирот, сигурноста и стабилноста“ за сите граѓани, без разлика на нивната вера или националност.

 

Рамо Исак: „ФУП ја зголеми готовноста“

Коментирајќи го обидот за приведување на Милорад Додик, Каран изјави дека високиот претставник Кристијан Шмит, Судот на БиХ, Обвинителството на БиХ и СИПА се „вонуставни институции“. Тој најави покренување „правна постапка“ и го повика Обвинителството на РС да преземе мерки во согласност со законот.

Сојузниот министер за внатрешни работи Рамо Исак изјави дека Федералната полициска управа (ФУП) веднаш го подигнала нивото на тревога откако припадниците на МУП на РС ги спречиле полициските службеници на СИПА да ја извршат наредбата на Судот на БиХ за апсење на Милорад Додик. Тој нагласи дека ФУП е подготвена да ѝ пружи асистенција на СИПА во апсењето на Додик, доколку добијат официјално барање за тоа. Потсети дека ФУП и претходно давала помош на СИПА и дека е подготвена повторно да дејствува доколку има потреба.

Нермин Пеќанац: СИПА испрати порака, но без сериозна оперативна сила

Поранешниот министер за внатрешни работи на кантонот Сараево, Нермин Пеќанац, вели дека со обидот за апсење на Милорад Додик СИПА сакала да покаже дека „дејствува“. Како што истакнува, Додик бил на само неколку стотини метри од седиштето на СИПА, па агенцијата била принудена или да остане пасивна или барем да покаже подготвеност да реагира. Пеќанац смета дека целата операција ја губи својата смисла кога во операција со висок ризик се праќаат само неколку невооружени инспектори.

Тој не ја исклучува можноста дека ова е тест – проверка на подготвеноста за конкретно апсење. „Нештата сега добиваат нова димензија – бидејќи полицијата на РС се спротивстави на државната агенција, што воведува нови елементи – вооружана побуна“, тврди Пеќанац. Тој додава дека Додик, без разлика на реториката, знае дека во секој момент може да биде приведен и дека е важно да се нагласи оти овој случај нема национална позадина. „Додик континуирано извршува нови кривични дела, а во тоа вклучува и други, вклучително и министерот Каран и врвот на Министерството за внатрешни работи на РС. Ниту тие нема да бидат амнестирани“, наведува Пеќанац. Соговорникот на ДВ заклучува дека Додик оди „по патот без враќање“ и дека е подготвен да ги жртвува и своите најблиски соработници, а епилогот од тој пат, како што вели, ќе зависи и од реакцијата на ЕУФОР и на меѓународната заедница.

 

Обидот за апсење на Додик – заканување со празна пушка

Експертот за безбедност на РС, Владимир Вучковиќ за ДВ оценува дека акцијата на СИПА е „неуспешен обид на државните агенции да покажат релевантност“. Акцијата на СИПА, тврди Вучковиќ, повеќе личи на „маркетиншки трик“ отколку на сериозна операција.

„Да беше вистинска намерата да се спроведе акцијата со одлучност, ќе беа вклучени специјализираните тимови на агенцијата – АЛФА, БЕТА или ГАМА. Нивното отсуство покажува дека ова не е операција со висок ризик, туку порака без вистинска сила“, наведува Вучковиќ. Постапката на СИПА ја оценува како „заканување со празна пушка“.(dw)

Back to top button
Close