Тестот на секоја политика е како таа ќе заврши, а не како ќе почне

На меѓународниот економски форум во Давос, се судрија две мислења околу иднината на Украина: на Хенри Кисинџер и на Володимир Зеленски. Некогашниот државен секретар на САД истакна дека Украина ќе мора да се откаже од делови на својата територија во замена за мир со Русија. Во спротивно, смета Кисинџер, светот ќе се соочи со дестабилизација како последица на глад која ќе ја земе формата на бројни политички преврати. Тоа е време, какво што е ова во кое што живееме и ние во Македонија денес, кога фрижидерот станува поважен од телевизорот. Ако се остварат прогнозите за повеќегодишна војна, гладот може да предизвика голем бран на бегалци особено од Северна Африка, доведувајќи го во прашање единството на Европа во поддршка на Украина. Останувајќи доследен на својт став искажан во 2014 дека тестот на секоја политика е како таа ќе заврши а не како ќе почне, Кисинџер потсетува дека војните на неговото време секогаш почнувале со ентузијазам и јавна поддршка а завршувале со унилатерално повлекување. Во сите три случаи, една нуклеарна сила, Америка, се повлекла без да го употреби своето нуклеарно оружје со кое, „технички“гледано, би излегла како победник. Дали и Русија ќе го стори истото во случај на пораз останува да се види. Но, страотниот напредок на технологијата на нуклеарното оружје и на балистичките ракетни системи кои, употребени во војна, можат да предизвикаат светска катастрофа, мора да се има предвид во решавањето на украинскиот ребус. Конечно, во ова катастрофично сценарио, прва на мапата за уништување би била Украина.

Сепак, одговорот од Зелински е дека Украина ќе се бори додека не ја поврати целата своја територија, вклучувајќи го и Крим, окупиран од Русија во 2014. Секој оној кој учествувал во носење тешки и непопуларни одлуки ги знае дилемите со кои се соочува политичарот кој мора да се издигне на ниво на државник ако сака да го спаси народот. Нема политичар кој не сака да дојава на бел коњ како победник но, во меѓународната политика, победата не е главната опција. Компромисот е најчестиот начин на кој се решаваат проблемите. За тоа треба одважност да му се каже на народот вистината за карактерот на меѓународното општество на држави кое живее во релативна анархија, без централна власт на светско ниво, и каде интересите и моќта, а не правото, се одлучувачки. Ситуацијата за политичарот во една демократија, како Украина, е уште покомплицирана: компромисот мора да биде одобрен од парламентот, од опозицијата и од украинскиот народ. И никој да не викне „капитулација“, „предавство“!? Притоа,  да не заборавиме дека тоа е истата онаа демократија која, во отсуство на искуство, не покажа доволно мудрост да спроведе политика на помирување меѓу разните делови на Украина и да формулира надворешна политика која, можеби, ќе ја спасеше земјата од бруталната руска агресија.

Ако твојата политика доживее неуспех, нема да ти помогнат ни дванаесет ангели да сведочат во твоите добри намери, рекол Абрахам Линколн. Да,тестот на секоја политика е како таа ќе заврши, а не како ќе почне.

Денко Малески

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close