„Тетово е дом и на косовската претседателка“ – Касами ѝ подари „Клуч од градот“ на Османи

Тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами, денеска во улога на домаќин ја пречека и ѝ посака добре дојде на косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, која во рамки на дводневната посета на земјава, денеска беше во Тетово.

Касами рече дека тој, но и сите тетовчани се почестени од доаѓањето на претседателката на Косово, која за првпат е во официјална посета на земјава.

„Тетово, како еден од главните градови во Македонија, еден од најважните градови после Скопје, каде што мнозинство од граѓаните се Албанци, е мостот на соработка меѓу Македонија и Косово. Затоа јас како градоначалник ќе продолжам ова да го негувам и понатаму со сите држави во регионот, особено со Косово, со кое имаме големо заедничко минато, но имаме и многу заедничко да споделиме во делот на интегрирањето на нашите две држави во Европската Унија“,рече Касами на заедничката прес-конференција во Вјоса Османи-Садриу.

Касами информира дека на косовската претседателка ѝ подарил „клуч на градот“, па, како што вели, Тетово отсега е дом и на претседателката Османи-Садриу.

Фото: Билал Касами – Фејсбук

Претседателката на Косово пред медиумите се обрати само на албански јазик, а превод од Општина Тетово имаше само за дел од обраќањето. Таа истакнала дека Тетово и Косово имаат голема заедничка историја, а дека меѓусебните врски кои ги имаат денес се нераскинливи.

„Мојата посета на Северна Македонија е уште еден доказ за придонесот што Албанците го дале за државотворноста на РСМ и за евроинтеграциите, за нашата соработка и пријателски односи меѓу двете држави, за кои сум сигурна дека ќе се продлабочуваат во иднина. Косово секогаш ќе биде благодарно на граѓаните на вашата држава за помошта и безусловната поддршка што ја давале за граѓаните на Косово“е дел од обраќањето на Вјоса Османи Садриу.

Касами и косовската претседателка за време на средбата разговарале и за визната либерализација и прифаќањето на апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа, но и за вонредните локални изброи кои минатиот викенд се одржаа во четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово.

„Ѝ честитав на претседателката Османи-Садриу за изборите во Северна Митровица, со кои се легитимизираше владеењето на правото и демократијата на целата територија на Косово. Овие избори беа прифатени од САД и европските земји. Ова е огромен чекор за политичка стабилност на Балканот“,изјавил Касами за време на средбата со претседателката на Косово.

Back to top button
Close